Денеска и утре, 19 и 20 февруари, на лизгалиштето во СЦ Борис Трајковски ќе се одржи петтото издание на Меѓународниот натпревар во уметничко лизгање Skopje on Ice.
Љубителите на овој спорт ќе имаат можност да уживаат во настапот на 55 натпреварувачи, поделени во вкупно 10 категории, од кои осум во женска и две во машка конкуренција.
И покрај пандемијата со COVID-19, на настанот ќе има и гости од Бугарија, Србија и Босна и Херцеговина.
Организатор на Skopje on Ice е Федерацијата за лизгачки спортови на Северна Македонија, која е формирана во 2013 година, од четири клуба кои се занимаваат со овој спорт.
„Уметничкото лизгање е млад спорт во Македонија, но интензивно се развива. Нашите спортисти имаат сè подобри резултати, а оваа година имаме огромен интерес за нашата школа за уметничко лизгање, па така педесетина деца зимава ги направија првите чекори на мразот. За жал сезоната е многу кратка и трае само три месеци, од декември до февруари. Како последица на тоа спортистите кои се занимаваат со уметничко лизгање се принудени да патуваат надвор од државата за да може да тренираат и да ја одржат својата форма. Затоа апелираме до надлежните, особено до СЦ Борис Трајковски да нѝ овозможи барем уште два месеци (ноември и март) мраз за да има услови овој спорт да продолжи да се развива“, велат од Федерацијата за лизгачки спортови.
Skopje on Ice 2001 започнува денеска во 19:00 часот со настап на четири категории, две натпреварувачки и две интерпретативни. Настанот продолжува утре во 8:00 часот со останатите шест категории. Најинтересно ќе биде во периодот од 10:30 до 13:00 часот, кога своите вештини на мразот ќе ги презентираат натпреварувачите во категориите кои се признати од Меѓународната лизгачка федерација (ISU) и во кои се бираат државни прваци.
Настанот ќе се одржува на отворено и во согласност со сите протоколи за заштита од корона вирусот. Сите посетители имаат обврска да носат заштитна маска за лице и да одржуваат физичка дистанца. Влезот на двата натпреварувачки дена е слободен.