Обилните врнежи од дожд неделава низ Балканот предизвикаа опасно издигнување на нивото на водата во реките. Вонредна состојба е прогласена во српските градови Пријепоље, Сјеница и Нови Пазар поради обилни дождови и излевање на реки. Во Нови Пазар се трага по две лица кои ги однесоа поројните дождови, a вонредна состојба е прогласена во седум општини на југозападот на Србија.
На снимките споделени на социјалните мрежи се гледа како маж се обидува да фати друг маж кој го понесува поројот, но и тој паѓа во водата која го носи.
На реката Лим е изграден уште еден насип за заштита на селото Бродарево. Реката Бјелица се излеа и во драгачевските села, како и реките во Чачак и Тутин. Се излеа и Ибар во Косовска Митровица, а над 50 куќи во општина Звечан се поплавени, пренесе Би-би-си на српски јазик.
Како последица на обилните врнежи кои траат повеќе од 15 часа на северот на Косово, реката Ибар се излеа во близина на главниот мост во северна Косовска Митровица. Во општина Звечан се излеаја потоци и реки, а поплавени се повеќе од 50 куќи.
Командирот на противпожарната станица во Звечан, Владан Радомировиќ вели дека ниту најстарите жители на Звечан не се сеќаваат на ваква состојба со поплави.
„Ситуацијата е најтешка во последните 50 години. Имаме големи проблеми со поплавите, а нивото на реката Ибар расте речиси на сите точки. Сè е во опасност. Поплавени се повеќе од 50 куќи, моментално најтешко е во Грабовац, каде имаше голем одрон кој исто така ги откорна бандерите и среќа е што тие не паднаа врз куќите, бидејќи ќе имаше жртви“, рече Радомировиќ.
Тој посочи и дека се ангажирани сите тимови, но и дека надлежните служби не можат сè да постигнат бидејќи постојано добиваат нови пријави од граѓаните.
Патот кој води од северна Косовска Митровица и Звечани кон Зубин Поток е блокиран поради свлечиште и во моментов е непрооден, а како што јави Косово онлајн, во тек се обиди за негово оспособување и се очекува дополнителна механизација.
Оперативната готовност ја подигнаа и Косовските безбедносни сили (ФСК) кои ги ангажираа своите тимови за пребарување и спасување.
Косовското министерството за одбрана соопшти дека ФСК учествувала во операции за спасување на животите на граѓаните во погодените подрачја Скендерај, Истог, Клина и Митровица.
„Косовските безбедносни сили се подготвени и подготвени да ги поддржат граѓанските власти во справувањето со ситуацијата создадена од поплавите во последните неколку дена“, се наведува во соопштението.
Според метеоролозите врнежите од дожд во Косово се очекува да престанат попладне, но предупредија дека во наредните денови хидрометролошката состојба ќе биде тешка. Во поголем дел од Србија денеска претпладне и попладне се очекуваат мешани врнежи од дожд и снег, а попладне и навечер облачноста ќе слабее, па се очекува краткотраен прекин на врнежите на југот од Србија со делумно разведрување, соопшти српскиот Републички хидрометеоролошки завод.
Некои општини, меѓу кои и Митровица, Скендерај и Клина, одлучија во петок настава да не се одржува во основните и средните училишта поради сериозната состојба создадена како последица на поплавите.
Обилните дождови донесоа поплави и во Албанија во областа Скадар. Според извештајот за денеска, како што пренесе ТВ Клан Албанија вкупната поплавена површина во овој реон е 1100 хектари, оваа состојба не е променета од вчера од 18 часот./Мета.мк