Потпишан меморандум за соработка меѓу Охрид, Дубровник, Котор и Мостар

Сподели

Зацврстувањето и проширувањето на пријателството преку здружено учество и меѓусебна соработка на сите полиња од заеднички интерес, е само еден дел од меморандумот за пријателство, кој вчера во Котор го потпишаа, градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски, градоначалникот на Котор Владимир Јокиќ,градоначалникот на Дубровник Мато Франковиќ и главната советничка на градоначалникот на Мостар Рада Комадина.Со потпишувањето на меморандумот, четирите града кои се под заштита на УНЕСКО, ја потврдија намерата заедно и истрајно да делуваат  во областа на заштитата  и промоцијата на своето природно и културно наследство, со размена на искуства во унапредувањето на јавната свест за значењето  на статусот на листата на УНЕСКО.

-Исклучително сум среќен по потпишувањето на меморандумот за соработка и пријателство   помеѓу градовите Охрид, Дубровник, Котор и Мостар. Со потпишувањето и како држава и како град се надеваме дека ќе ги унапредиме меѓусебните односи пред се во областа на заштитата на културното и природното богатство. Имавме конструктивни разговори со претставниците на градовите кои се под заштита на УНЕСКО,  во кои централно место имаа прашањата околу заштитата на културното наследство  и развојот на туризмот и бизнис соработката-изјави градоначалник Јован Стојаноски.

По потпишувањето на меморандумот за соработка, се одржа заеднички состанок на Бордот на директори на Организацијата на градови  со светско културно наследство (OWHC) .
Во меморандумот за соработка меѓу градовите заштитени од УНЕСКО, покрај соработката за заштита на културното наследство, наведени се и други форми на развивање пријателство преку соработка  во спортот, културата и бизнис заедниците.