Потребна е мултисекторска акција за децата со попреченост да го остварат својот потенцијал

Сподели

 

„Секоја година на Меѓународниот ден на лицата со попреченост светот се обединува за да се промовира разбирањето за попреченоста и да се мобилизира поддршка за правата и благосостојбата на лицата со попреченост.  

„Оваа година, кога земјата одбележува точно 30 години од ратификувањето на Конвенцијата за правата на детето, го цениме напредокот што земјата го постигна за децата, но исто така ја признаваме и потребата да се интензивираат и забрзаат напорите за оние што се во ризик да заостанат зад останатите, односно, децата со попреченост.

„Во своите најнови Заклучни согледувања за напредокот на земјата, Комитетот за правата на детето нотира голем напредок за децата со попреченост. Тука спаѓа имплементацијата на новиот модел за проценка на попреченоста со пристап заснован на човековите права, Националната стратегија за деинституционализација (2018-2027) и донесувањето на Законот за основно образование како правна основа за инклузија на децата со попреченост во редовниот образовен систем. Сепак,  преземањето активности за да се унапредат правата на децата со попреченост е една од петте области во кои Комитетот за првата на децата препорачува итно преземање мерки.

„Овој напредок се надоврзува на зголеменото разбирање дека децата со попреченост можат да го остварат својот целосен потенцијал ако општеството го промени ставот кон овие деца и дека инклузијата може да се подобри само ако се промени начинот на проценка на потребите на децата со попреченост и се отстранат бариерите што го спречуваат нивното учество.

„Воведувањето на моделот за проценка на попреченоста заснован на човековите права низ целата земја е од клучна важност за да се создаде единствена влезна точка за децата и младите со попреченост во системот на услуги за поддршка во здравството, образованието и социјалната заштита. Иако земјата има формирано пет регионални тимови за проценка за да се поддржи имплементацијата, неопходно е да се обезбеди соодветна екипираност на постојните тимови и  формирање на дополнителни тимови за  да се одговори на потребите на сите деца во секој регион низ земјата.

„Напредокот за децата со попреченост во земјата, исто така, се надоврзува на зголеменото разбирање дека децата со попреченост имаат поголема шанса да го остварат својот целосен потенцијал и да уживаат во продуктивен живот доколку добиваат квалитетна грижа и можности за развој, особено во раните години од животот. Раното откривање и интервенциите за задоцнет развој се од клучно значење за да се обезбеди навремена поддршка за децата.

„Меѓутоа, прегледите во раното детство и службите за интервенции во детството се или ретки или воопшто не постојат на ниво на државата, поради што многу деца се изложени на ризик и со години остануваат нерегистрирани од службите. Понатаму, постојат големи нееднаквости во обезбедувањето на услугите, при што семејствата во руралните средини, помалите етнички заедници, како и оние со ниски приходи  и понатаму се во голема мера недоволно опслужени.

Комитетот за правата на детето препорачува земјата да ги зајакне програмите за рано откривање и интервенција и да ја подобри специјализираната здравствена заштита и рехабилитацијата според возраста. Службата за патронажни сестри е најдобро позиционирана да придонесе за развој на мулти-секторски пристап; но, неодложна е потребата од континуирано инвестирање за да се зголеми бројот на патронажни сестри и да се подобри квалитетот на услугата.

Мултисекторското системско решение, исто така, треба да обезбеди услугите да се испорачуваат преку системот за детска и социјална заштита и образованиот систем, така што на секое дете на предучилишна возраст (0-6 години), или дете со фактор на ризик за задоцнет развој и/или попреченост, ќе му се обезбедат услуги за интервенција во раното детство кога тие се најпотребни. 

„Кога станува збор за образованието, земјата постигна напредок во вклучувањето на децата со попреченост во инклузивно опкружување заедно со нивните врсници. Од оваа учебна година, сите деца со попреченост се запишуваат во редовните основни училишта. Овој успех треба да се прошири и во средното образование. Неопходен чекор во таа насока е да се усвои новиот закон за средно образование, но, за инклузија во образованието потребни се повеќе инвестиции и ефикасно користење на ресурсите со цел училиштата да ги задоволат потребите на сите деца.

„Јавните средства што се префрлаат на општините за поддршка на инклузијата во образованието не се трошат систематски за таа намена и потребни се повеќе напори за да се обезбеди искористување на средствата за прилагодување на инфраструктурата и исполнување на други услови за  да се создаде инклузивна средина во училиштата.

„На крај, за натамошно унапредување на инклузијата, децата со попреченост треба да бидат видливи во земјата и да се промовираат позитивни норми, правичност, разновидност и инклузија. Подобрените податоци за децата со попреченост и натамошното справување со стигмата и предрасудите што придонесуваат за нивна маргинализација и дискриминација во пристапот до здравствени и образовни услуги и заштита, во голема мера ќе придонесе за нивно зајакнување.

„Оваа година УНИЦЕФ ја одбележува и својата 30-годишнина во земјата. Во трите децении од нашата работа за децата, никогаш не беше важно кои се тие. Она што секогаш беше важно е да се опфатат децата во најголем ризик и со најголеми потреби, како што се децата со попреченост. Сега, УНИЦЕФ заедно со своите соработници уште повеќе ги зајакнува заложбите да продолжи со работата за секое дете, вклучувајќи ги и децата со попреченост.“

УНИЦЕФ