Пратениците од ЗНАМ не наплаќаат патни трошоци

Сподели

Во врска со предложените измени на Законот за пратениците во врска со патните трошоци, сакаме да ја известиме јавноста дека, во рамките на нашите заложби за максимална транспарентност и највисок степен на општествена одговорност, пратениците од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија ниту досега наплаќале, ниту отсега ќе наплаќаат патни трошоци.

Само еден колега од пратеничката група за 7 месеци има вкупно добиено околу 30000 денари по сите основи (гориво,патарини и амортизација), што претставува и помалку од направените реални трошоци за превоз од и до Собранието. Нашиот став во врска со овој предлог-закон на колегите од Левица останува принципиелен: ќе ги игнорираме сите предлози чија единствена цел е популизам и театризација на секоја тема. Ние сме подготвени за отварање конструктивен процес на разговори за сите прашања со сите пратенички групи, преку кој би се дошло до заедничко, општоприфатливо и најдобро решение.

Само низ дијалог може да се работи за доброто на граѓаните, а преко консензус и да се обезбеди широка поддршка, преку која тие решенија би поминале на собранискиот пленум. Движење ЗНАМ – За наша Македонија не се изјаснува за нешто што веќе го практикува.Ако некој ги злоупотребува патните трошоци, тогаш тие што го прават тоа треба да бидат санкционирани. Движење ЗНАМ – За наша Македонија го потврдува ставот дека ниту овој закон ниту било кој друг предлог што ќе дојде од Левица нема да го разгледува или коментира, од проста причина што нивната цел е естрадизација, а не решавање на реалните проблеми. Левица не е решение на проблемот, тие се проблем за секое можно решение, се наведува во соопштението на ЗНАМ.