Премиерите на Западен Балкан денеска во Виена ќе имаат работен појадок со австрискиот канцелар Себастијан Курц, на кој ќе присуствуваат и европскиот комесар за проширување и соседска политика, Јоханес Хан и за дигитална економија и дигитално општество, Марија Габриел.
Македонскиот премиер Зоран Заев, го откажа учеството поради внатрешно политички случувања во земјата.
Според информациите од кабинетот на Курц, на појадокот ќе присуствуваат шефицата на српската влада, Ана Брнабиќ, премиерот на Албанија, Еди Рама, на Црна Гора, Душко Марковиќ, претставникот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Ѕвиздиќ и шефот на косовската влада, Рамуш Харадинај.
Најавено е дека ќе се зборува на три теми.
„Најпрво за европската перспектива на Западен Балкан, што е и едно од главните цели на австриското претседавање со ЕУ. Потоа ќе се разговара за регионалната соработка и за билатералните конфликти“, стои во соопштението од кабинетот на Курц.
Австрискиот канцелар кој деновиве престојуваше во Белград и Приштина изјави дека Европската Унија ќе биде комплетна дури откако државите од Западен Балкан ќе станат членки на Унијата.