Претседателот Стево Пендаровски и Фондот за деца при Обединетите Нации (УНИЦЕФ), денеска го најавија почетокот на новата заедничка иницијатива „Преосмисли ја иднината“, чија цел е на децата и на младите да им се даде простор да се вклучат во дефинирањето на визијата за иднината што ја сакаат за себе и за идните генерации.
Во наредните три месеци, младите поедноставно ќе имаат шанса за учество во консултации каде ќе дискутираат за прашања што им се важни, за своите најголеми предизвици и очекувања за иднината на земјата, а ќе добијат и простор да предложат решенија со кои визијата ќе се претвори во реалност.
„Денешната генерација на млади се соочува со голем број предизвици. Но, истовремено тие се најинформираната и најдигитализираната генерација во нашата историја која има уникатна прилика да направи нешто за својата иднина. Наша должност е да ги слушнеме нивните ставови, затоа што нивните идеи се важни. Да им помогнеме да бидат дел од процесите на креирање политики и носење на одлуки кои влијаат на нивната и иднината на сите нас“, истакна претседателот Стево Пендаровски.
Во земјата има близу 190.000 адолесценти на возраст од 12 до 19 години, а сепак малкумина од нив имаат можност да учествуваат во одлуките што го засегаат нивниот живот, нивната егзистенција и нивните заедници. Квалитетното образование, менталното здравје, спречување на насилството на интернет, климатската акција и вработувањето се меѓу главните приоритети на младите пред и за време на пандемијата со КОВИД-19. Оваа нова иницијатива се фокусира на подобра и поправедна иднина за секое дете и секој младинец во земјата во периодот по КОВИД-19.
„Она што го правиме за децата и младите, заедно со нив и во нивно име денес, ќе го одреди нивното утре. Ваквата заедничка иницијатива доаѓа во клучен момент и претставува ретка можност да се преосмисли иднината заедно со децата и младите. Преку иницијативата, младите ќе се оспособат да станат двигатели на промени за низа прашања, а нам ќе ни се овозможи да го искористиме огромниот потенцијал за иновација и трансформација што тие го нудат кога се поддржани со вистинските платформи и вештини, и кога имаат самодоверба да бидат лидери во својата земја“, изјави Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ.
Младите се поканети да учествуваат во првата онлајн-анкета чија цел е да се утврдат предизвиците со кои се соочуваат, но и да се откријат нивните идеи и визии за иднината. Наодите од истражувањето ќе послужат како поткрепа за темите на работилниците во наредните месеци, а младите ќе бидат поканети да се приклучат преку отворен повик.