Претседателот Стево Пендаровски денеска ја посети компанијата „Алкалоид АД Скопје“ , како и „Институтот за истражување и развој на Алкалоид – Фармацевтски корпоративен развој“, којшто се состои од лаборатории за развој, тестирања, како и производство на новите лекови.
При посетата, претседателот Пендаровски оствари средба со генералниот директор, Живко Мукаетов, како и со Виктор Стојчевски, директор на финансии и член на управниот одбор на компанијата.
Раководството на компанијата го информираше претседателот Пендаровски за основната дејност, тековните активности, како и за остварените инвестиции во текот на оваа година. Како што истакна генералниот директор Мукаетов, Aлкалоид е извозно ориентирана компанија и околу 65 % од производството го пласира на пазарите во речиси 30 земји во светот. Во текот на 2020 година компанијата реализирала инвестиции од околу 20 милиони евра и 175 нови вработувања.
Истакнувајќи ја неколку децениската традиција во работењето и општествената одговорност на Алкалоид, претседателот Пендаровски при посетата искажа верување дека и во услови на пандемијата на Ковид 19, компанијата ќе продолжи да инвестира во научно-истражувачки активности, знаење и секако во човечки капитал.
Групацијата Алкалоид брои над 1.800 вработени луѓе во земјава и повеќе од 530 вработени во подружниците и во претставништвата надвор од Северна Македонија.