Денеска полициски службеници од СВР Куманово – Отсек за економски криминал, по претходно добиени оперативни сознанија односно основано сомнение за примање поткуп и злоупотреба на службената положба од страна на лекарката Е.С., и обезбедена судска наредба, извршија претрес во работни простории на Очно одделение при ЈЗУ Општа болница -Куманово и патничко моторно возило „опел астра“, паркирано во кругот на болницата. При претресот во Очното одделение при ЈЗУ Општа болница -Куманово од медицинската сестра одземени се 18000 денари, а при претрес во возилото, сопственост на лекарката Е.С. одземени се околу 98000 денари. Е.С. е приведена и против неа ќе биде поднесена соодветна кривична пријава до ОЈО Куманово.
Имено, Е.С. ја злоупотребила службената положба и овластување казниво по чл.353 и примала поткуп од пациенти,казниво по чл.357 од КЗ на РСМ така што правела хируршки интервенции во службени простории на ЈЗУ Општа болница – Куманово и за интервенциите противправно земала по 12.000 денари, иако пациентите се здравствено осигурени преку ФЗО и за истата интервенција би требало да платат само партиципација, но партиципација не им била наплаќана, со што се оштетува буџетот на РСМ, туку парите пациентите ги давале лично на пријавената, непосредно пред да се изврши хируршката интервенција, а за што пациентите не добивале документ за платената услуга.