Промоција на „101 сонет од една чудна пролет“ од Владимир Мартиновски

Сподели

 

Промоција на новата поетска книга од Владимир Мартиновски во МКЦ, на 29. октомври

Разговорот со авторот ќе го води Николина Андова – Шопова
Во поговорот на најновата поетска книга на В. Мартиновски, Оливера Ќорвезироска, меѓу другото, истакува: „101 сонет од една чудна пролет е несекојдневна збирка песни за песните, поезија заседната дома, во поетскиот занает. Преклопувањето на карантинот на луѓето (поетот) со карантинот на поезијата (автореференцијалната песна) се творечкото кредо на оваа збирка. Таа е претворање на врвното непоетско околу нас во врвно поетско за нас и во нас; вистински дар, најубавото лице на долгото седење дома пролетта на 2020 година. Сонетите не се непознати за поетското творештво на Мартиновски, но, сепак, цела збирка исклучиво со толкав голем и провокативен број сонети е вистински подвиг. Најзабележлива карактеристика на збиркава е удвоеноста на песните, спарувањето, дихотомноста. Речиси сите песни имаат свој парник, најчесто контрастен или само огледално обратен, утешителен или ризичен… Независно каков е односот на сонетите во диптисите, сметам дека најважното е тоа што секој сонет сам по себе функционира како грамофонска сингл-плоча со А и Б страна. Тоа е многу повеќе од поетски (и музички) шарм, тоа е апотеоза на дуалноста, на двете лица на секое нешто, на денот и ноќта, на лошото и доброто…”

Книгата е во издание на Кликер.

***

Владимир Мартиновски (1974) пишува поезија, проза, есеи и книжевна критика. Автор е на десетина книги поезија, исто толку книжевно-есеистички книги, четири книги куси прози и раскази, како и на две книги за деца. Неговата поезија е преведена на дваесетина јазици. Добитник е на неколку книжевни награди. Се занимава и со музика.

Настанот ќе биде организиран согласно протоколите за организирање настани во затворен простор. Ве молиме да се придржувате кон истите. Бројот на посетители е намален, носењето маски е задолжително за време на целиот настан.