Промоција на едукативната боенка „Скопје – палеонтолошки град“

Сподели
 
Центарот за научни истражувања и промоција на културата ХАЕМУС, на 25 септември во 11:00, во интерактивното катче во Градски парк кај Школка, ќе организира промоција на „Скопје – палеонтолошки град“, едукативната боенка на авторите Биљана Гаревска и Бисера Наумовска. Промоцијата е дел од настанот „Ден на граѓанските организации 2021“, организиран од Civica Mobilitas.
 

Боенката „Скопје – палеонтолошки град“ е намената за сите млади кои сакаат да го откријат светот на палеонтологијата, да научат за диносаурусите, мамутите и многу други животни кои се одамна изумрени, бидеќи на интересен и креативен начин ги воведува во живиот свет на минатото. Ќе дознаат што се фосили, како да ги најдат и препознаат, на кој начин се врши нивното истражување од страна на палеонтолозите, местата во Скопје кадешто се пронајдени нивните остатоци и се разбира, каде можат да ги видат тие фосили откако се ископани. Како основа за илустрациите се земени вистински фосили кои може да се видат во Природонаучниот музеј во Скопје и затоа оваа боенка е важна, бидејќи децата ќе можат веднаш да ги препознаат. Во палеонтолошките тајни ги воведуваат Ана и Јане, кои како млади палеонтолози истражувачи се обидуваат да им помогнат на најмладите во нивните сознанија за оваа наука.

Автор на оваа боенка е Биљана Гаревска, магистер по палеонтологија. Уредник е Василка Димитровска, а илустрациите се на Бисера Наумовска.

Креативната и едукативна боенка за деца „Скопје: палеонтолошки град“ е прва публикација во рамките на едицијата „Млад истражувач“, образовна програма создадена од ХАЕМУС којашто има педагошки карактер.