Промоција на „Приказни на тивок оган“ од Светлана Камџијаш во МКЦ

Сподели

 

Утре, на 22 јануари, во 20 часот, во МКЦ Клуб ресторанот ќе се случи промоцијата на збирката раскази „Приказни на тивок оган“ од Светлана Камџијаш.

За книгата ќе зборуваат Соња Стојменска Елзесер и Ѓоко Здравевски, а делови од книгата ќе презентира актерката Ана Костовска. Книгата е 178 наслов во едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ.

 

 

Светлана Камџијаш предава филозофија, естетика и етика на Педагошкиот факултет во Скопје. Досега објавила книги од областа на философијата: Ведите и Упанишадите – сликата на светот“, „Крајната слобода во философијата веданта“, „Од брегот на реката Ганг“ и „Шест Упанишади“, како и две поетски книги: „Чекори во летот“ и „Небо-индиго“.

За книгата, писателот Гоце Смилевски напиша:

„Расказите во збирката „Приказни на тивок оган“ на Светлана Камџијаш се создадени со длабока мисла, широка емоција и висока ерудиција, со буен стил и прецизна структура. Нив авторката успеала да ги напише со онаа тешко остварлива виртуозност која подразбира да се раскаже флуидно она што е најтешко за искажување. Способност која можеби најдобро може да се опише ако се обидеме да преобликуваме една констатација искажана за лик во еден од расказите во оваа книга: „Невидливото го правеше видливо“. За неа, за нејзината раскажувачка умешност и уметност, тоа би било: Невидливото и тешко искажливото го прави видливо, преку зборовите. Во тоа искажување на она што најчесто останува обвиено од молкот, Светлана Камџијаш тргнува од деталот и стигнува до сепроникнувачка целина, започнува со мигот и го опфаќа животот.

Авторката како да ги вткала во своите раскази сите уметности, и ова не го велам само затоа што некои од нејзините ликови се уметници, туку пред сe’ затоа што самиот живот, самото човеково постоење во расказите на Камџијаш е доживеано и раскажано како уметност. И некои секојдневни човекови активности, кои би можеле да се претворат во рутина, а и рутински да се раскажат, се доживеани и раскажани како чинови на уметничка креација. На пример готвењето:„Уметничките дела на Дијана беа наменети за четири од петте сетила,“ или: „Од едноставно одбраните намирници, Дијана постепено создаваше поезија,“ или: „Кујната на Дијана беше голема клавијатура од која таа секојдневно вадеше нови етиди.“

Во еден расказ Светлана Камџијаш за својот лик вели дека во еден миг од својот живот се почувствувал како да стои на работ од светот. Во оние прекршувачки места во расказите, каде низ малите пукнатини на животот зјае огромната метафизичка празнина на за-нас-непознатото, читателите ќе се почувствуваат токму така: како токму тој миг со средбата на раскажаното да ги довел до работ на светот, и ги турка кон предизвикот за преиспитување и на своето битисување“.