Германската канцеларка Ангела Меркел денеска е во посета на Тирана, каде што ќе има заеднички ручек со шефовите на владите на земјите од Западен Балкан, по што ќе има одделни средби со премиерите на Црна Гора, БиХ, Северна Македонија и Косово.
Премиерот Зоран Заев ќе ја предводи владината делегација во чиј состав се и заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Според агендата, предвидено е попладне владината делегација да има билатерална средба со канцеларката Меркел.
„Темата на заедничкиот состанок со лидерите на земјите од Западен Балкан ќе биде регионалната соработка и нејзиното подобрување“, се вели во соопштението.
Во рамки на еднодневната работна посета, премиерот Заев ќе го посети и Македонскиот културен центар во Тирана.