Смената на чуварот на државната каса ќе ги исфрли на виделина и финансиските дубиози на власта. Новиот министер за финансии е пред сериозен предизвик, предупредуваат експертите.
„Главен приоритет за мене како министер за финансии на Република Македонија ќе претставува процесот на креирање нови работни места, економскиот раст, инвестициите, унапредувањето на животниот стандард на граѓаните и подобрување на деловното опкружување на компаниите“, истакна Миновски.
Дел од експертите пак очекуваат од новиот министер за финансии да поработи и на уште еден, според многумина клучен, приоритет – транспарентноста.
„Транспарентноста, но и мораториумот на долговите и релокацијата на ресурсите се мои клучни очекувања од новиот министер. Јавноста конечно да знае на што се трошат парите. Но тоа сега да биде исклучиво за инфраструктурни проекти и енергетика, се разбира со редовните трошоци за функционирање на системот. Наместо за популизам и споменици, парите да ги даваме за патишта и за енергетски проекти. Дефицитот на државата, особено во услови на криза е оправдан за поттик на економскиот развој, но само под услов ако тоа е за капитални цели, ако еден денар ни носи два. А не да се задолжуваме за плати пензии социјална помош, а да градиме споменици“, предупредува економскиот аналитичар Зоран Витанов.
„Ќе пукне тиквата“
Дел од експертите пак не се оптимисти. Не очекуваат позитивни промени, но претчувствуваат финален расплет на јазолот финансиски дубиози:
„Не треба да се очекува ништо ново, бидејќи центарот за одлучување е единствен и додека тоа не се смени нема да има ништо спектакуларно. Единствено што ќе се симне превезот на тајноста за состојбите, што досега беше исклучиво резервирано за Ставрески и Груевски кои ги имаа сите информации. Да не заборавиме дека во сите извештаи на ЕУ се предупредуваше на фискалната нетранспарентност“, коментира поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.
Оние што имале клиентелистички однос со Ставрески, сега нема да имаат доверба, предупредува Хајредини
Новиот министер за финансии, според него, ќе се соочи со тешки состојби во буџетот:
„Ќе се соочи со тешки состојби во буџетот, затоа што тие што досега имале клиентелистички однос со Зоран Ставрески сега нема да имаат доверба и ќе притискаат да си ги наплатат долговите. Како што слушнавме дека Гордана Јанкуловска имала тефтерче за кадрите, овој имаше тефтер на бизнисмени што биле фаворизирани и земале тендери. Тука е јасно дека имало дубиози и тоа многу бргу ќе се открие, веќе наредните недели ќе се видат последиците од ваквата состојба во буџетот. Ќе видиме дали ќе успее и со еврообврзницата, затоа што очигледно е дека нема пари без задолжување. Но клучно е што ќе се откријат состојбите и нема веќе сѐ да биде во тајност, тука ќе пукне тиквата и се плашам дека ќе нема пари за плати, пензии…Во секој случај ова е важен настан за расплет на кризата“, предупредува Хајредини.
Изборот на Кирил Миновски помина „мазно“ во парламентот по остра дебата околу актуелните економски состојби. Опозицијата главно се фокусираше и критикуваше за она што го сработи Ставрески. Од неговиот наследник очекуваат да биде порационален:
„Треба помалку да троши за чоколадо, а повеќе за леб. Граѓаните ни се гладни и сиромашни. Бараат подобар животен стандард. Република Македонија урива рекорди во регионот и во светот по сиромаштија и низок стандард,“ предупреди пратеникот Марјанчо Николов од СДСМ.
За власта, пак, Кирил Миновски е вистинскиот човек за оваа функција:
„Миновски во текот на неговото работење презентираше целосна отвореност на институциите кон компаниите и граѓаните, како во насока на подобро информирање за работата на институциите, така и во насока за решавање на проблемите и унапредување на работата. Со својата компетентност, едуцираност и богато искуство во областа на финансиите, инвестициите, менаџментот и човечки ресурси, сметам дека располага со соодветен капацитет да ја извршува оваа исклучително значајна и одговорна функција“, нагласи премиерот Емил Димитриев.
Тешки задачи во услови на хроничен недостиг на пари
Упатените коментираат дека Миновски е пред тешки обврски. Ребаланс на буџетот е неминовен, следува и завршна сметка, а во услови на хроничен недостиг на пари, мора да се обезбедат финансии за основно функционирање на државата. Сѐ тоа во услови на сериозно високо ниво на јавен долг од 45% од БДП. Кирил Миновски е 11 министер за финансии во независна Македонија, трет во владите на ВМРО ДПМНЕ од 2006. Во неговата биографија се наведува дека 17-годишно искуство во областите: финансии, управување со промени, проектен менаџмент и човечки ресурси. Тринаесет години бил дел од една од водечките светски консултантски компании „Буз Ален Хамилтон“ во имплементација на повеќе донаторски проекти на УСАИД во делот на градење и развој на институциите на Република Македонија во економската сфера и создавање на поволно деловничко работење. Пред да стане директор во УЈП, тој раководеше со Државниот пазарен инспекторат.