Пуштен во употреба новотоворениот Центар за обука за прва помош при Црвениот крст

Сподели

“Ми претставува големо задоволство што денес сум овде, осебно што токму денес започнува со работа новиот Центар за прва помош. Место во кое што, би рекол, е концентриран целиот капацитет, знаење и умеење за изведување на обуки на лица како да укажуваат прва помош“. Ова, покрај другото, го изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при неговата денешна посета на Црвениот крст на Република Северна Македонија, односно пуштањето во работа на новоотворениот Центар за прва помош при Црвениот крст.

Нагласувајќи го задоволството од фактот што преку заеднички дијалог, преку партнерскиот однос со Црвениот крст се создадоа сите предуслови за отворање на еден ваков Центар за обука за прва помош министерот Спасовски потенцираше дека низ призмата на актуелната пандемија со ковид 19, но и генерално во животот на сите нам ни е познато дека здравјето нема цена, а преку тоа и човечкиот живот и дека е многу важно како и во кој момент ќе се делува за да се заштити нечиј човечки живот.

“Наша цел како МВР покрај другите аспекти од нашето работење беше и како да создадеме подобри услови пред се во сообраќајот, со цел да ги намалиме последиците, особено по здравјето и по животот на нашите граѓани преку сообраќајните незгоди. И ние навистина преземавме една опсежна акција во делот на сообраќајните контроли, акција која што даде резултати, а тие се: прво фактот дека 2020 година ја завршивме како година со најмалку жртви во сообраќајот и со најмалку сообраќајни незгоди во кои што имаме тешки телесни повреди“, истакна министерот Спасовски.

Притоа нагласувајќи дека тоа е мотивација за министерството да се продолжи и понатаму по истиот пат, министерот Спасовски потенцираше дека успехот и ваквите резултати ќе се подобрат дополнително и преку функционален центар за прва помош во кој што идните возачи ќе можат да се стекнат со вештини, знаења и искуство за тоа како да се укаже прва помош.

“Знам дека најголемиот дел од работите се изместија во општеството во претходниот период, многу од исклучоците станаа правила на однесување, на живот, и многу од идните возачи бараа начин како да дојдат до потврда за прва помош, но не и до знаење и искуство. Ако сакаме да го промениме системот, тогаш оваа промена што ја направивме заедно со Црвениот крст на Република Северна Македонија треба да биде пример – како да го менуваме системот и начинот на функционирање“, изјави министерот Спасовски.

Министерот Спасовски им се заблагодари на раководството и на вработените во Црвениот крст за досегашната добра соработка и партнерство со МВР, евидентна не само преку партнерството во справувањето со миграциските текови или во справувањето со пандемијата од “ковид 19“, туку и во однос на ваквите проекти кои, како што нагласи Спасовски – “праќаат пораката до граѓаните дека само преку заеднички настап и преку партнерски однос можеме да бидеме подобро општество да бидеме подобри луѓе да бидеме посолидарни и заеднички да си помогнеме едни на други, а на тој начин да ја направиме нашата држава побезбедно место за живеење“.