Во однос на приватно нарачаниот извештај од поранешниот акционер, а воедно и долгогодишен претседател на Надзорниот одбор на Еуростандард банка, над којашто поради несолвентност во август 2020 година беше отворена стечајна постапка, изразуваме сериозна загриженост за леснотијата со која од различни поединци се изнесуваат неточни информации поврзани со банкарскиот систем и Народната банка. Ваквото неодговорно однесување поттикнато од лични интереси и приватни побуди, може да внесе немир и непотребно и неосновано да предизвика штета на финансиските институции во земјата, а со тоа и на економските субјекти и граѓаните. За Народната банка, оценките и мислењата, особено во делот на состојбите во банкарскиот и финансискиот систем на нашата земја и начинот на работата на Народната Банка, искажани од страна на нарачателот на овој извештај, како и лицата кои се најмени од негова страна за да го изработат и промовираат во јавноста, се нерелевантни и неточни.
Народната банка е професионална и независна институција, којашто при одлучувањето ги применува највисоките меѓународни стандарди и практики, што е потврдено и со оценките на меѓународните финансиски организации и кредитни агенции. Последна во низата вакви оценки е одлуката на Европската комисија на крајот од минатата година дека банкарската регулатива и супервизијата којашто ја спроведува Народната банка е според стандардите на Европската Унија, со што Европската Комисија ја вклучи нашата земја на листата на само 26 земји во светот кои ги спроведуваат овие стандарди.
Согласно со овие стандарди, Народната банка на редовна основа врши супервизија на работењето на банките и штедилниците и ја оценува нивната сигурност, стабилност, како и усогласеноста на работењето со Законот за банките и со други прописи кои го регулираат банкарското работење. Во рамки на своите надлежности презема соодветни мерки во насока на задржување на стабилноста на банкарскиот систем.
Доколку со супервизорска контрола се констатира сомнеж или индиции за други дела во банка, Народната банка којашто е супервизорски, а не истражен орган, ги известува и соработува со надлежните истражни органи.
И во случајот поврзан со Кубус, кој се однесува за период од 2004 до 2011 година, на којшто всушност се темелат и најголем дел од наводите, Народната банка оствари соработка со надлежните институции, при што ги достави сите расположиви информации.
Во однос на работењето на Еуростандард банка, Народната банка вршејќи ја својата надлежност како супервизорски орган, утврди значајни слабости и пропусти во работењето. Започнувајќи од 2013 година па се до 2020 година, Народната банка во врска со констатираното, на Еуростандард Банка АД Скопје и изрече вкупно 30 правни акти, во кои беа содржани околу 120 различни мерки за подобрување на состојбата на банката. Народната банка нема да дозволи ниту една банка да продолжи да работи без исполнување на минималните законски услови, со што ја штити стабилноста на целиот банкарски и финансиски систем. Оттука, во услови на непостапување по дадените мерки, а имајќи ја предвид стапката на адекватност на капиталот и состојбата во Банката, Народната банка согласно Законот за банките ја одзеде дозволата за работа на банката.
Воедно, по констатираните состојби, Народната банка до Јавното обвинителство на натамошно надлежно постапување, поднесе кривична пријава против поранешни одговорни лица во „Еуростандард банка“ АД Скопје поради сомнение дека сториле кривично дело Предизвикување стечај на банка. Истовремено, до Јавното обвинителство, Народната банка предложи и преземање мерки коишто беа во насока на натамошна заштита на интересите на доверителите.
Професионалноста и независноста на Народната банка придонесува за континуирана стабилност и здравост на банкарскиот систем, вклучително и во пандемискиот период. Потврда за добрата поставеност и функционирањето на банкарскиот сектор се повеќето извештаи на најрелевантни институции, како на пример последниот извештај на кредитната агенција S&P, каде се наведува дека банкарскиот систем е добро капитализиран и стабилен, како и дека е потпора на стопанството за надминување на предизвиците кои ги донесе пандемијата.
Народната банка останува посветена на примената на највисоките меѓународни барања и стандарди во вршењето на банкарската супервизија и будно ги следиме движењата во банкарскиот систем, при што во рамки на вршењето на својата функција соработуваме со надлежните државни институции, се наведува во соопштението на НБРМ.