Министерот за финансии, Драган Тевдовски, информираше дека се работи на подготовки на ребалансот на буџетот, кој пред пратениците ќе биде доставен пред тие да заминат на одмор.
– Во моментов правиме проценка на обврските со буџетот. Ќе направиме сè што е во наша надлежност да добиеме буџет кој ќе биде прагматичен, имајќи ги предвид обврските што се наталожени со години, а во исто време да дадеме можност на нашите реформски приоритети – изјави Тевдовски на потпишувањето на договорот за користење на средства од ИПА-програмата во ЕУ Инфоцентарот.
Во однос на еврообврзницата, тој изјави дека во согласност со постојниот буџет кој е изгласан од претходната власт, има потреба од задолжување и на внатрешниот и на надворешниот пазар со еврообврзница.
– Постои потреба за финансирање на потребите на буџетот преку задолжувања. За нас е важно да обезбедиме вакви финансирања со релативно евтина цена – додаде Тевдовски.