Референдум во Британија – да се остане или не во ЕУ

Сподели

hqdefault

Британците денеска одлучуваат дали ќе останат во Европската Унија или ќе излезат од заедницата. Нивниот одговор би можел во значајна мера да ја одреди иднината не само на Велика Британија, туку и на Европа. Право на глас имаат сите британски, ирски и граѓани на Комонвелтот, постари од 18 години.

Според последните анкети, британската јавност е целосно поделена. Тие кои сакаат да се „раскине“ партнерството меѓу Брисел и Лондон веруваат дека Европската Унија го спречува развојот на Велика Британија, додека со останување во ЕУ, државата би можела да добие специјален статус во друштвото на европските земји. Со тоа, би требало да се реши тоа што Британците го сметаат за проблем во ЕУ.

Британскиот премиер Дејвид Камерон, ги повика Британците да гласаат за останување во Европската Унија, а поранешниот градоначалник на Лондон, конзервативецот Борис Џонсон, е главен предводник на кампањата за излез од ЕУ.

– Се говори дека сме посилни, дека сме посигурни, дека е подобро да останеме. Посилни сме, затоа што ако заминеме, ќе ја смалиме нашата земја, ќе ја намалиме можноста за учество во носењето важни одлуки во светот. Посигурни, затоа што се бориме против тероризмот, криминалот и климатските промени и подобро е ако работиме заедно – рече Камерон.

Џонсон ги повика Британците да ја искористат шансата, самите да управуваат со својата иднина, а не некој друг.

– Ова е наша последна шанса да ја вратиме контролата. Ако не гласаме за излез, ќе останеме заклучени во задниот дел на автомобилот, возени во неизвесна насока, накаде каде не сакаме да одиме и можеби со возач кој не зборува најдобро англиски – смета Џонсон.

Првите резултати од референдумот ќе бидат познати во петок, рано наутро.

Референдум во Британија: Да се остане или не во ЕУ