Оваа година по четврти пат е отворен регионалниот конкурс за кратка приказна „Бибер“. Темата е проширена и авторите може да пишуваат на теми за помирување во контекст на последиците од војните и насилството во земјите од поранешна Југолавија, приказни кои може да придонесат за подобро разбирање меѓу луѓето, намалување на омразата и предрасудите, антивоени приказни, приказни кои се занимаваат со минатото, деконструкција на слики од непријатели, сочувство кон другите, храбри приказни кои се осмелуваат да одат во „непријателските“ чевли, како и приказни кои туркаат граници и го отвораат патот за градење посигурна, побезбедна и слободна иднина за сите.
„Со овој конкурс, сакаме да придонесеме за културата на превод и објавување дела од автори од најблиското соседство и да ги поддржиме веќе ангажираните автори да продолжат да влијаат врз социјалните промени“, велат од тимот на „Бибер“.
Конкурсот е отворен до 1 декември 2020 година. Трудовите можат да бидат доставени од автори кои пишуваат на албански, македонски, босански, црногорски, хрватски или српски јазик; како и оние кои досега не објавиле свое дело. Пријавувањето е по електронски пат преку формулар. Авторите можат да достават до два раскази, воедно согласувајќи се дека нивната приказна, доколку е во потесниот список, ќе биде објавена во колекцијата „Бибер“.
Најмалку дваесет дела ќе бидат објавени во повеќејазичната колекција.
За авторите на првите три најдобри приказни предвидени се парични награди:
Прва награда – 800 евра;
Втора награда – 600 евра;
Трета награда – 400 евра.
Одлуката на жирито ќе биде објавена до крајот на април 2021 година. Жирито го сочинуваат Татјана Громац, Антон Беришај и Селведин Авдиќ.
Конкурсот е во организација на тимот на „Бибер“ со поддршка на Центарот за ненасилна акција Сараево-Белград.