Членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата веќе немаат професионален и етички кредибилитет да ја вршат оваа функција ниту еден ден повеќе, изјави потпретседателката на Собранието од СДСМ, Фросина Ременски на прес-конференција во законодавниот дом.
-Ревизијата на работењето на Државната комисија за спречување на корупцијата укажува на непочитување и злоупотреба на законските одредби, незаконско и несовесно трошење на парите на граѓаните, токму од страна на Комисијата која што треба да се грижи за спречување на злоупотреби на правата и обврските на институциите и сите избрани функционери во државата. Од тие причини, доколку членовите на Антикорупциската комисија веднаш не поднесат итна и неотповиклива оставка, во Собранието на Република Македонија, како орган кој е надлежен за изборот на членовите на ова тело, ќе покренеме постапка за нивно разрешување – рече Ременски.