Ристоска побара од судот максимална казна за Грујовски за „Тврдина 2“

Сподели

Обвинителката на Специјалното јавно обвинителство, Ленче Ристоска денеска побара од судот максимална казна за поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски за случајот „Тврдина 2“, додека за останатите шест службенички од УБК, обвинети во случајот, таа му предложи на судот да им одреди алтернативни, односно условни казни.

Инаку, Грујовски и службеничките во УБК беа обвинети за уништување на документацијата од незаконското прислушување. СЈО ги гонеше за фалсификување службена исправа, според членот 361, став 2, за кое е предвидена затворска казна од три месеци до пет години.

Ристоска, во завршните зборови пред Кривичниот суд во Скопје за случајот „Тврдина 2“ истакна дека мотивот на Грујовски, како наредбодавач за уништувањето на докуемнтацијата од УБК, бил да се сокријат трагите за тоа кој и како прислушувал стотици граѓани во Македонија и да се отжени истрагата за масовното кршење на човековоте слободи и права од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање. Таа рече дека уништувањето на документите во Петровец, во близина на Скопје, се случувало истовремно со уништувањето на системите од незаконското следење на комуникациите во МВР, за што Грујовски исто така е обвинет во случајот „Тврдина“.

Обвинителката на СЈО, побара од судот при определувањето на казната да не го зема како олеснителна околност тоа што Грујовски е татко на две деца, туку фактот дека е во бегство, со што децата и семејството ги оставил на цедило, без извор на егзистенција.

За шесте службенички од УБК, кои наместо да ја одбијат наредбата на Грујовски, учествувале во постапката за уништување на документите, Ристоска побара условни казни. Како отежнителна околности таа побара од судот да го оцени тоа што ниту една не се покајала за стореното, но, потенцираше дека секоја од нив, наведувајќи ги по име, имала беспрекорно однесување во УБК и дека немале дамка во работењето и оти дел од нив се самохрани мајки.

Адвокатот на Грујовски, Љупчо Шврговски, пред судот рече дека во случајот нема основи за кривично, туку за евентуално прекршочно дело. Одбраната наведе дека СЈО нема мандат да гони дела сторени во 2015 години и дека ова проширување на надлежноста на СЈО ќе доведе до правна конфузија.
Со завршните зборови судењето за случајот „Тврдина 2“ е пред самиот крај, односно останува уште судот да ја соопшти пресудата.

Инаку, на Грујовски му се судеше во отсуство, бидејќи тој заедно со својот колега од УБК, Никола Бошковски, се наоѓаат во екстрадициски притвор во Солун, откако беа уапсени на солунскиот аеродром, во обид со лажни бугарски пасоши да заминат за Будимпешта.

meta.mk