Засилените сообраќајни контроли од страна на сообраќајната полиција во изминатите неколку месеци покажуваат дека дисциплината и одговорноста кај учесниците во сообраќајот се уште не се на потребното ниво. За жал, полициските билтени и медиумите секојдневно известуваат за голем број на санкционирани возачи поради управување на моторно возило под дејство на алкохол, управување на моторно возило без соодветна возачка дозвола, непочитување на правилата за ограничување на брзината, не правилно престигнување, управување на нерегистрирани и технички неисправни возила и голем број на други прекршоци во сообраќајот со кои директно се загрозува животот и здравјето на сите учесници во сообраќајот.
Се чини дека одредена група на учесници во сообраќајот не ги загрижува фактот дека секоја година на улиците и патиштата во Република Северна Македонија околу 150 лица го губат животот во сообраќајни незгоди, а околу 6000 лица се повредени.
Искуството од земјите кои покажуваат најдобри резултати на полето на безбедноста во сообраќајот покажуваат дека покрај добрата сообраќајна инфраструктура најдобри резултати во безбедноста во патниот сообраќај се постигнуваат преку соодветна комбинација од превентивни и репресивни мерки.
Во делот на превенцијата, РСБСП потенцира дека културата и навиките во сообраќајот се учат од најмали нозе и токму затоа Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата посебно внимание во својата работа посветува на најмалите. Што се однесува до возрасните, важно е да се каже дека процесот на промена на навиките и културата во сообраќајот е бавен и тежок процес и за таа цел РСБСП реализира континуирани и силни кампањи, а ефектите од кампањите може да се почувствуваат единствено на подолг рок.
Од друга страна, репресивните мерки дават побрзи резултати и ефектите од репресивните мерки може да се почувствуваат и на пократок рок.
РСБСП го поддржува процесот на засилени сообраќајни контроли и истиот треба да биде континуиран и силен. Најважно е граѓаните да знаат дека репресивните мерки се спроведуваат со цел заштита на нивниот живот и нивното здравје и истите имаат за цел да ги одвратат сторителите на сообраќајните прекршоци од повторување на сообраќајниот прекршок. Превентивните мерки се насочени кон сите учесници во сообраќајот, а со репресивни мерки треба да бидат санкционирани оние учесници во сообраќајот кои и покрај сите апели, и укажувања се уште се однесуваат недисциплинирано и неодговорно во сообраќајот- потенцира Гордана Кожуваровска, претседател на РСБСП по повод засилените контроли од страна на сообраќајната полиција.
Статистичките податоци за 2020 година, покажуваат дека оваа година има значително намалување на бројот на сообраќајни незгоди и бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди во однос на истиот период минатата година и ваквиот опаѓачки тренд треба да продолжи и во иднина, а засилените сообраќајни контроли од страна на сообраќајната полиција дејствуваат токму во таа насока.