Саудиска Арабија: Доколку на ТВ-листата ја имате „Al Jazeera“, ви се заканува казна

Сподели

Министерството за туризам и национално богатство на Саудиска Арабија упати допис до хотелите и до другите објекти од овој тип, на листите од ТВ-каналите да ја отстранат катарската телевизија „Al Jazeera“ (Ал Џезира), јавува Anadolu Agency (AA).

Во соопштението од министерството е наведено дека во хотелите, на листите на ТВ-каналите на прво место треба да се наоѓаат официјалните канали на оваа земја, и дека тука никако не смеат да бидат оние што се во спротивност со верата и со моралот.

Нагласено е дека од ТВ-листите во хотелите мора да се отстранат сите канали на катарската телевизија „Al Jazeera“. На оние што тоа нема да го направат, им се заканува казна од 100 илјади саудиски ријали (26,6 илјади долари).

Интернет-страниците и дигиталните платформи на медиумската мрежа „Al Jazeera“ се цел на сѐ почестите хакерски напади во екот на кризата во Заливот.

Високопозициониран вработен во оваа медиумска мрежа вчера истакна дека дигиталните платформи на „Al Jazeera“ се на удар на систематски хакерски напади. Нападите станаа почести и се изведуваат во различни облици.

Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати (УАЕ), Египет, Бахреин и Јемен во понеделникот соопштија дека ги прекинуваат сите дипломатски врски со Катар, кој го обвинуваат за дестабилизација на регионот.

Саудиска Арабија, ОАЕ и Бахреин го затворија својот воздушен простор за Катар и наредија дипломатите на Катар да ги напуштат тие земји во рок од 48 часа. Властите на Јордан, исто така, се приклучија кон Саудиска Арабија и другите земји и најавија деградација на дипломатските односи со Катар.