Европска комисија точно го адресираше виновникот за кратењето на ИПА-фондовите во неспособноста и немањето капацитет на владата за спроведување реформи, за коишто постојано се алармираше преку меѓународни извештаи направени со скенирање на состојбите во Македонија – одговори членот на Извршниот одбор на СДСМ, Љупчо Николовски на прашањето, дали одлуката на Брисел за кратење на ИПА-фондовите е политичка.
Според него, десет години ВМРО-ДПМНЕ имале можност да го потврдат капацитетот за искористување на сите средства од ЕУ.
– Да се потсетиме на разговорите од „Вистината за Македонија“, каде што поранешниот Министер за финансии разговараше и точно лоцираше како не се потребни овие средства да влегуваат во буџетот, за да не се врши контрола на начинот на којшто ВМРО-ДПМНЕ и оваа криминална власт ги трошат парите – додаде Николовски.
За ставот на Владата дека СДСМ е виновна за блокирање на институциите поради што и не можеле да се искористат фондовите, Николовски вели дека во ниту еден момент немале можност за каква било блокада.
– Од првиот ден во Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство алармиравме за неискористеноста на овие средства кои стојат на располагање од ЕУ. Конкретно се работи за случајот со неискористеноста на ИПАРД-фондовите. Учеството на СДСМ внатре во институциите беше да се зголеми капацитетот и на министерствата и на администрацијата, се со цел да се користат овие средства од ЕУ – вели Николовски.