Ниту една компанија не пројавила интерес за да ги гради двете монтажни катни гаражи во Клиничкиот центар – Скопје. Од Министерството за здравство за „Мета.мк“ информираат дека ниту една понуда не пристигнала на јавниот оглас за доделување на договор за јавно – приватно партнерство, којшто беше распишан на почетокот од август годинава. Ова значи дека за неколку месеци ќе се одложи изградбата на монтажните гаражи што требаше да обезбедат дополнителни места за паркирање на оваа локација.
– Министерството за здравство, како договорен орган е во фаза на поништување на постапката и согласно законските рокови постапката ќе ја обновиме. Тоа значи дека и понатаму Градот Скопје е надлежен и стопанисува со паркингот во Клинички центар – велат од Министерството за здравство.
Двете монтажни катни гаражи треба да се градат на местото на поранешната зграда на Клиниката за гинекологија. Инвестицијата во овие инфраструктурни објекти би чинела 30 милиони денари, а со обезбедувањето на дополнителни паркинг места треба да се реши акутниот метеж во рамките на Клиничкиот центар – Скопје.
Од министерството засега не соопштуваат дали ќе има промени кај критериумите во вториот по ред јавен оглас за пронаоѓање приватен партнер за изградба на монтажните гаражи. Приватната компанија во иднина би стопанисувала со паркинг просторот, но цената за паркирање за пациентите и за вработените на Клинички центар ќе треба да ја договорат однапред со министерството во договорот за јавно – приватно партнерство.