На 5. јули 2021 година, во просториите на Основниот граѓански суд Скопје ќе се одржи подготвително рочиште за раскинување на договор поврзан со купопродажба на државно градежно земјиште со јавно наддавање.
Договорот кој ќе биде предмет на раскинувањето се однесува на просторот кај паркингот до „АвтоМакедонија“, во Градскиот Ѕид.
Земјиштето било оттуѓено примарно од страна на Министерството за транспорт и врски во 2012-та година, за што бил склучен и Договор помеѓу Министерството и НИКОФОН Дооел.
Со Одлука на Владата на Република Северна Македонија од декември 2018-та година, овој договор беше предаден на надлежност на Општина Центар-Скопје.
Одговарајќи на прашањата во вчерашното гостување на Само Вистина на Канал 5, но и на гостувањето на Топ Тема на ТВ Телма, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, информираше дека самиот сопственик на земјиштето поднел барање за раскин на договорот и дека предметот во моментов се наоѓа во суд.
Од причини што реализацијата на договорот со тек на време стана неизвесна и невозможна, преземени се чекори за раскинување на договорот.