Се преврте вагон со амонијак близу Пирот, 51 лице во болница

Сподели

 

Во источниот српски град Пирот и околината претпладнево сѐ уште е на сила вонредна состојба, а над дел од градот сѐ уште има опасен „облак“. Вчера попладне еден вагон со амонијак, во железничка композиција што тргнала од Бугарија, се излизгал од шините и отровниот гас истекол во атмосферата. Вкупно 51 лице, биле пренесени во болница – поголемиот дел од нив Клиничкиот центар во Ниш, а другите  во болницата во Пирот. На населението од Пирот и околината и утринава не му се препорачува да излезе од дома, јави Н1.

Од хоспитализираните вчера во Пирот, едно лице починало, но не се прецизира дали е од труење. Се знае дека е срцев болен што со автомобилот излетал од патот.

Опасниот облак се протега од селото Станичење сѐ до влезот во индустриската зона Пирот. Тоа е токму делот каде што е затворен и автопатот и каде што биле најголемиот дел од оние што се сега во болница.

Во болницата во Пирот утрово имало петмина возрасни и едно дете, а во Клиничкиот центар во Ниш 9 пациенти, откако рано утрово уште шестмина од хоспитализираните биле пуштени дома. Сите се во стабилна состојба, извести телевизијата Н1.

Во меѓувреме, пратеничката Тамара Миленковиќ – Керковиќ побара од министерот за градежништво, сообраќај и инфраструктура Горан Весиќ итно да соопшти кој е одоговорен за несреќата кај Пирот, потсетувајќи дека ова е втора несреќа со амонијак на таа пруга во период од три години, извести српскиот весник „Данас“.

„Во јануари 2019 на оваа пруга, кај нишкото село Јасеновик од шините излетаа два вагона-цистерни со амонијак, па населението беше евакуирано за да се преточи амонијакот, а од АД Инфраструктура железници“ никогаш не стигна одговор зошто се превртеле цистерните и чија е одговорноста“, порача пратеничката Керковиќ./Мета.мк