Се укинува титулата национален уметник

Сподели

Собранието денеска го донесе Законот за престанување на важењето на Законот за националниот уметник на Република Македонија, со кој се укинува доделувањето на оваа титула која се состои од доживотен паричен надомест од две просечни месечни плати.

Законот ќе продолжи да важи за петтемина од шесте добитници на титулата. Од востановувањето во 2011 таа им беше доделена на: Симон Трпчески, Милчо Манчевски, Есма Реџепова, Борис Трајанов, Ана Дурловски и Никола Маџиров.

Образложувајќи ја потребата за укинување на Законот, кога тој беше во прво читање во Собранието, заменик-министерот за култура Владимир Лазовски соопшти дека за надоместоците на петте живи национални уметници за 2017 година се потребни четири милиони денари од Буџетот на РМ или за секој од нив месечно бруто по 66.300 денари.

– Се оцени дека со Законот се направи нерамноправен третман меѓу уметниците, како и помеѓу националните уметници и другите вработени во културата кои имаат примања во многу помал износ од просечната плата во државата – рече Лазовски, додавајќи дека постојат и други механизми за стимулирање на творештвото: парични износи кои им се доделуваат на добитниците на државните награди, право на месечен надомест по остварување право на пензија, откупи на дела…

Со денот на влегувањето во сила на овој закон запираат сите постапки за доделување на титулата национален уметник започнати согласно Законот за националниот уметник на Република Македонија.