Селмани: Ад хок телото за медиуми е партиска филијала на ВМРО-ДПМНЕ

Сподели

Naser-Selmani-8

Ниеден кандидат за член во ад хок телото на Агенцијата за медиуми не е член на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).

– Новинарите што нередовно ја подмируваат чланарината по автоматизам им престанува членството во организацијата – вели претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, на прашањето дали кандидатите за телото за регулација на медиуми се членови на ова здружение.

Тој повтори дека ставот на ЗНМ е да не учествуваат во консултациите на партиите за формирање на ад хок телото на Агенцијата за медиуми, ниту, пак, имаат намера да го прават тоа  кога ќе се избере партиски уредник во МРТ.

– Убедени сме дека овие решенија не само што нема да ја подобрат состојбата со слободата на медиумите, туку уште повеќе ќе го партизираат медиумскиот систем. Со овие законски измени партиите сакаат да ја измамат јавноста дека прават реформи во медиумите. Ние сме сериозна организација на новинарите, а не како некои други асоцијации кои првично го одбија договорот на партиите за медиумите, а после го предлагат нивниот претседател и секретар за членови на ад хок телото. Со тоа на јавна сцена се покажа дека оваа организација е партиска филијала на ВМРО-ДПМНЕ – вели Селмани.

Тој вели дека на ниту еден член на ЗНМ не може да му забранат да се пријавува по партиски огласи, меѓутоа тие мора да знаат дека ако сакаат да бидат членови на оваа организација, тогаш треба да ги почитуваат одлуките. Во спротивно, вели Селмани, ризикуваат да бидат исклучени од членството.

Новинарските организации (Советот на етика во медиумите, Синдикатот на новинари и медиумски работници, Македонскиот институт за медиуми) на состанок со раководството на опозицискиот СДСМ, на 4 август категорично одбија да учествуваат во консултациите за ад хок телото и во изборот на главен уредник на МТВ.

Овие организации одбиле да учествуваат во формирањето на ад хок тело, со образложение дека така нема да се реши проблемот со медиумите.

Слаѓана Димишкова, Цветин Чилиманов, Горан Трпеновски и Љубомир Костовски се четворицата кандидати за членови на ова тело кои ги предложија партиите. Димишкова и Чилиманов се предлози на ВМРО-ДПМНЕ, а Трпеновски и Костовски на СДСМ.

Според Изборниот законик, петтиот член, кој не е по партиски предлог, а треба да биде Албанец, четворицата партиски претставници треба да го договорат, по што директорот на Агенцијата за медиуми ќе го назначи најдоцна 15 дена по нивното именување.

Најголемата казна за медиумите во периодот пред изборите ќе изнесува 4.000 евра.

meta.mk