Северна Македонија е седма според првиот индекс за политиките за дроги во светот

Сподели

 

Првото издание на Глобалниот индекс на политика за дроги кој беше објавен во ноември 2021  од страна на Конзорциумот за намалување штети (Harm Reduction Consortium), коалиција на граѓански и здруженија од заедницата, во партнерство со академици, открива дека најголем број од земјите во светот не успеале своите национални политики за дроги да ги усогласат со препораките на  Обединети Нации. Тие упатуваат итен апел до владите, реформите во оваа област да бидат нивен приоритет.

 

 

Глобалниот индекс на политика за дроги (The Global Drug Policy Index) е првата глобална анализа заснована на докази  на глобалните политики за дроги и нивната имплементација.  Таа се состои од 75 индикатори кои се однесуваат на пет широки аспекти на политиките на дроги: казнено-правен систем, екстремни реакции, здравство и намалување на штети, пристап до меѓународно контролирани лекови и развој.  Низ оваа призма, оваа единствена и прва ваква алатка до сега, ги  документира, мери и споредува националните политики за дроги, рангирајќи ја секоја земја според бодови. Овој систем покажува колку политиките за дроги на една земја се усогласени со принципите  на Обединетите нации за човекови права, здравство и развој. Како таков, овој Индекс претставува основен механизам за евалуација во полето на политики на дроги.

 

 

Првиот индекс ги евалуира достигнувањата на 30 земји во светот, опфаќајќи ги сите региони во светот, вклучувајќи ја и Северна Македонија и дополнително вклучува и вистински, животни приказни.

Република Северна Македонија е рангирана на 7 место во рамките на опфатените 30 земји. Пред Македонија се Грузија на шесто место со ист број на бодови, потоа Канада, Австралија, Велика Британија,Португалија, Нов Зеланд и Норвешка на прво место. Од европските земји кои се полошо оценети од Македонија се Унгарија на 12 место и Русија на 20 место.

“Ова 7 место не треба да се гледа како успех за Северна Македонија која беше оценета со 55  од 100 можни бодови. Во секој учебник индексот 55 не се оценува како добро постигнување.  Посебно ако се земе во предвид и друштвото односно групата на земји кои беа оценувани од  кои поголемиот дел се познати по своите лоши политики за дроги. Овој индекс треба да се чита во насока дека македонската влада и институции имаат уште многу работа за креирање на содветна политика за дроги која ќе се базира на здравјето и човековите права “ изјаувуваат од ХОПС – Опции за здрав живот Скопје.

Клучни факти за Северна Македонија во првото издание на Глобалниот индекс на политика:

Во 5 од 30 –те земјите опфатени во Индексот (Бразил, Колумбија, Киргистан, Мексико и Северна Македонија), вклученоста на војската или специјалните безбедносни сили во операциите за контрола на дрогата се смета за ендемична за пристапот на земјата кон спроведување на законите поврзани со дрога.

Загрижувачки е тоа што во податоците на Индексот се нагласени широко распространетите прекршувања на човековите права направени во име на контрола на дрогата во рамките на казнено-правниот апарат, вклучително и насилство и тортура извршени од полицијата и произволни апсења и притворања, при што само мал број земји известиле дека тоа се ретки појави. Во Авганистан, Кенија и Киргистан, на пример, насилството од страна на полицијата се смета за широко распространето во напорите за контрола на дрогата, додека тоа се смета за ретка (или многу ретка) појава во само 6 земји (Костарика, Унгарија, Нов Зеланд, Северна Македонија, Норвешка и Обединетото Кралство). Слично на тоа, случаите на произволно притворање се сметаат за ретки во само 3 од 30-те испитани земји: Нов Зеланд, Португалија и Обединетото Кралство.

Во однос на правото на правично судење за лицата осомничени за прекршоци поврзани со дрога, можноста да им се гарантира фер судење се смета за неверојатна во Авганистан, а Северна Макеоднија е во групата од 12 земји со значителни ограничувања во пристапот до правично судење: Грузија, Гана, Кенија, Киргистан, Мексико, Мароко, Мозамбик, Непал, Северна Македонија, Русија, Тајланд и Уганда. Пристапот до правично судење се смета за гарантиран само во 7 земји: Австралија, Канада, Костарика, Нов Зеланд, Норвешка, Португалија и Обединетото Кралство.

Индексот ги оценува достигнувањата на владите во однос на достапноста и употребата на алтернативи за апсење, обвинување, осудување и/или казнување за дела поврзани со дрога. Австралија, Јамајка, Нов Зеланд, Северна Македонија и Португалија добија највисоки оценки (85/100) во обезбедувањето алтернативи за апсење, обвинување, осудување и/или казнување, а најниско рангирани се Колумбија, Грузија, Кенија, Мароко, Мозамбик и Уганда.

Само 9 земји вклучително и Северна Македонија (Австралија, Костарика, Јамајка, Киргистан, Мексико, Нов Зеланд, Северна Македонија, Португалија и Русија) понудиле алтернативи во сите три фази (апсење, обвинување, осудување и/или казнување).

Уште позагрижувачки, само 11 земји нудат низа опции за третман врз основа на потребите и претпочитувањата на луѓето (Авганистан, Австралија, Канада, Гана, Унгарија, Јамајка, Нов Зеланд, Северна Македонија, Португалија, Сенегал и Обединетото Кралство).

Само 1 земја (Канада) има одредба за спроведување на програми за размена на стерилни  игли и шприцеви во затворски услови, иако покриеноста е многу ограничена. 15 од 30-те испитани земји обезбедуваат ОАТ (Третман за одржување со опиоидни агонисти) во затворите, но во пракса само 3 земји (Северна Македонија, Португалија и Обединетото Кралство) имаат обезбедено пристап до Третман за одржување со опиоидни агонисти за повеќе од 40% од луѓето кои се корисници на дроги во затвор.

Други значајни  факти

  • Милитаризираниот пристап и пристапот на спроведување на законот кон контрола на дрогата продолжуваат да преовладуваат: одредено ниво на смртоносна употреба на сила од страна на воените или полициските сили беше пријавено во половина од анкетираните земји, со широко распространети случаи во Мексико и Бразил.
  • Непропорционалното влијание на контролата на дрогата врз маргинализираните луѓе врз основа на пол, етничка припадност и социо-економски статус беше забележано до одреден степен во сите димензии и во сите земји.
  • Спроведувањето на законите поврзани со дроги е насочено пред сè кон ненасилни прекршоци, особено кон луѓе кои користат дроги: само 8 од 30-те испитани земји ги декриминализирале употребата и поседувањето дрога, а од нив, само 3 успеале вистински да ги одвратат луѓето од казнено-правниот систем.
  • Недостатокот на финансиски средства за намалување на штети останува многу загрижувачки: само 5 од 30 земји одвоиле „соодветна“ сума на финансиски средства за намалување на штети, а од тие земји, финансирањето е сигурно само во една (Норвешка).
  • Има огромен јаз помеѓу владините политики и нивната имплементација за обезбедување пристап до контролирани лекови, особено во земји како Индија, Индонезија, Мексико и Сенегал кои имаат високи резултати во политиката, но имаат 0/100 за вистинската достапност за оние на кои им се потребни.
  • Алтернативните програми за развој во областите на нелегалното одгледување остануваат вкоренети во забраната и уништувањето, при што Колумбија има особено ниски оценки (23/100) поради нејзината милитаризирана стратегија фокусирана на присилното уништување и штетно прскање од авиони.

Извештајот за Македонија можете да го најдете ТУКА.