„Шарената револуција“ денеска преку својата страница на „Фејсбук“ ги повика пратениците да не учествуваат во работата на Собранието додека не се исполнат нивните барања.
„Пратеници, за да покажете дека стоите во одбрана на правдата, суверенитетот на граѓаните и на Уставот, од вас бараме да не учествувате во работата на Собранието сè додека Уставниот суд не се произнесе за уставноста на Специјалното јавно обвинителство и сè додека не се гарантира учество на претставници на граѓанскиот сектор во разговорите и во преговорите за излез од политичката криза, во улога на набљудувачи, известувачи за јавност и на консултанти“, пишува во обраќањето на „Шарената револуција“.
Во обраќањето тие ги уверуваат пратениците дека граѓаните одлучиле да земат активна, конструктивна и одговорна улога во актуелната политичка криза. Во писменото обраќање, исто така, е наведено дека протестите и уличните дејства изградиле јасен граѓански политички и вредносен став од кој нема отстапување.
„Нема отстапување од правдата и нема отстапување од одлучноста да се чуе и да се уважи гласот на граѓаните. Пратеници, од вас бараме да дејствувате и да им помогнете на граѓаните да ја обезбедат заштитата на Специјалното јавно обвинителство, институцијата симбол на правдата, институцијата која вие ја изгласавте без ниту еден глас против. Бараме од вас да застанете и во одбрана на член 2 од Уставот на Република Македонија и да им помогнете на граѓаните да се изборат за тоа дека ’Суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните’. Пратеници, дејствувајте веднаш и при тоа имајте ја предвид итноста на ситуацијата, решителноста на граѓаните да не се откажуваат од своите зацртани цели. Дејствувајте итно по ова барање на граѓаните и преку ваше неучество во работата на Собранието укажете им јасно на Уставниот суд и на политичките актери кои се противат на граѓанското учеството во преговорите дека не смее да има компромиси околу правдата и околу демократската определба на Република Македонија“, наведено е во обраќањето на „Шарената револуција“.
Тие ги повикуваат пратениците да ја погледнат бојата врз зградата на Собранието, затоа што тоа е порака и повик до нив да се одважат и да дејствуваат одговорно и да се борат за правдата.
Активистите на „Шарената револуција“ најавуваат и дека нема да се откажат и дека ќе ја продолжат борбата сè додека не се исполнат нивните барања.
„Шарената револуција“ ги повика пратениците да ја бојкотираат работата на Собранието