„Шарената револуција“ порача: Сакаме еднаквост, правда и ново сонце на слободата

Сподели

13459704_1622880618027043_1364195394_n

„Нема да престанеме сè додека оваа власт не падне. Не сакаме силни влади, туку силни институции, судови кои праведно ќе судат, студенти кои ќе добијат добро образование и ќе се вработуваат без да биде важно дали некој е за ВМРО, СДСМ или за некој трет“, рече поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров на вечерашниот протест на „Шарената револуција“.

Тој истакна дека треба да изградиме држава во која вредност нема да биде Никола Груевски, туку вредност ќе бидат слободата, правдата и чесноста. Димитров за аболицијата што ја даде претседателот Ѓорге Иванов, рече дека е еден од најголемите срамови на Македонија и додаде дека не е доволно само да се повлече. Тој порача дека демонстрантите го штитат Уставот на државата од Иванов, кој е претседател на срамот.

 

– Денеска судот вели дека Специјалното јавно обвинителство не било надлежно за случајот за уништување на опремата за прислушување. Како не ви е срам? Како можете да се погледнете во огледало? Ова што се случува е страшно, но дејствуваше отрезнувачки, како бокс, за да сфатиме во каква држава живееме и во каква држава сакаме да живееме. Сè додека не падне оваа власт, нема да престанеме – рече Димитров.

Демонстрантите, кои традиционално протестот го почнаа пред зградата на СЈО, маршираа до Владата, каде додека траеше боењето на фасадата, дел од нив ги обоија двете коловозни ленти на булеварот Илинден, притоа цртајќи триаголник, на чии страни испишаа „слобода, еднаквост и правда“. Во средината на триаголникот го испишаа бројот три, кој означува уште колку дена има до истекот на рокот за исполнување на нивните барања.

 

Членот на президиумот на партијата Левица, Здравко Савески, се заблагодари за поддршката од „неговите соборци“ додека беше во куќен притвор, додавајќи дека тој и Владимир Куновски не излегле од притвор во слободна држава, туку за слободата допрва треба да се изборат.

– На власт имаме луѓе кои го донесоа народот на питачки стап. Тие се арами и такво око ненаситно не се видело. Кога мислат да престанат? Никогаш, ако ние не ги спречиме. Има два излеза од оваа ситуација, едниот е да победат тие и ако се случи тоа, Македонија ќе биде зандана, а другиот е нашата победа, која ќе донесе ново сонце на слободата. Мора да победиме. Нè чека добра иднина, само треба да издржиме во борбата – рече Савески.

Активистот Џељо Хоџиќ порача дека „Шарената револуција“ успеала да спречи уште едни криминални избори и да ги урне етничките ѕидови, кои ги градеа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Додека траеја говорите, демонстрантите, покрај пораките до Владата, испишаа и посебна порака со која им искажаа почит на загинатите во терористичкиот напад во американскиот град Орландо, испишувајќи „Орландо, стоиме за тебе“.

„Шарената револуција“ порача: Сакаме еднаквост, правда и ново сонце на слободата