Аболицираниот Никола Груевски тргал на страна секој месец по 10.000 евра или за една година официјално станал побогат за 118.629 евра, соопшти денеска на прес-конференција портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.
Тој ги покажа анкетните листови на Груевски за 2014 и 2015 година, кои доскорешниот директор на Државната комисија за спречување на корупција не сакаше да им ги покаже на новинарите, минатиот месец на прес-конференција.
– Груевски, ги зголемил заштедите на американските долари, швајцарските франци, британските фунти на неговите девизни сметки, но најмногу ги зголемил сумите во денари и во евра. Пријавувал приливи во банка од по 300.000 денари, но и по 3 милиони денари. Интересно е дека за овие големи приливи од по 2 милиони и 3 милиони во 2015 година Груевски во анкетниот лист се правда дека му биле од 2005 и 2012 година. Но ако е така, зошто не му биле пријавени во анкетниот лист од претходната, 2014 година? Нето платата на Никола Груевски изнесувала 88.139 денари – рече Шилегов.
Дека Груевски не се потпирал на неговата плата, посочи Шилегов, покажува графата за основот на стекнување.
– Тука, Никола Груевски, како што е наведено, или не дал податок, или рекол дека ги стекнал парите на друг начин. Никола Груевски не одговорил на Антикорупциската комисија, но мора да им одговори на граѓаните: Кој е тој начин на којшто Никола Груевски заработува, така што за една година успеал да заштеди 118.629 евра? Граѓаните слушнаа од „Вистината за Македонија“ и за оф-шор релациите на Груевски со рајските земји, за милионски тендери и провизии, за милионски парцели на Водно. Ова е уште една причина зошто на Груевски му се потребни аболициите од Ѓорге Иванов. Нему и на неговите соработници. Аболиција целосно мора да се поништи и сите кои правеле злоупотреби на штета на граѓаните ќе одговараат – додаде Шилегов.