Шилегов: Со “Паметен Град” штедиме 1,3 милиони кои се враќаат за граѓаните

Сподели

 

Во тек е последната фаза од на проектот Скопје паметен град, кој започна во март годинава. Преку иновативна и напредна технологија, главниот град ќе добие поздрава животна средина, намалување на трошоците, подобри услуги и подобра комуникација со граѓаните, поголема безбедност, а со тоа и поквалитетен живот.

Со употреба на технологијата за Теснопојасен интернет и со поддршка на Македонски Телеком, Град Скопје ќе добие платформа за која ќе ги има карактеристиките за управување со системот на паметен град. Со оваа платформа, ќе се управува систем на над 10.000 паметни светилки и систем за паметно осветлување, сензори за паметен паркинг, сензорни станици за следење на микроклиматските параметри, уреди за мерење на потрошувачката на вода, интерактивна мобилна апликација и паметни столбови за изградба на паметна мрежа.

„Преку овој проект се поставуваат 10.000 нови лед светилки со што Скопје добива совршено осветлени и безбедни улици, вело патеки и тротоари. Со паметно осветлување, град Скопје заштедува 1,3 милиони евра годишно на електрична енергија, кои ќе се пренаменат за директна финансиска поддршка на граѓаните од различни групи“ потенцираше Шилегов.

Апликацијата „Мое Скопје” е клучен дел во „Скопје Смарт Сити“ и носи сосема ново ниво на интеракција и информирање. Во оваа фаза апликацијата ќе им понуди на граѓаните: информации од сферата на градскиот живот, настани, случувања и новости, анкети, пристап до апликациите и сервисите на градските институции и преглед на паркинзите на Град Скопје.

Таа подоцна се надополнува со содржини за сообраќајот и јавниот превоз, а ќе може да се пријавуваат инфраструктурни и комунални проблеми. „Мое Скопје“ е иновативен, информативен и интерактивен канал за комуникација со граѓаните, кој преку постојани анкети и прашалници им овозможува на граѓаните да одлучуваат за градските прашања и да го насочуваат градот кон нивните приоритети.

„Скопје е првиот град во државата кој го воведува овој револуционерен систем, кој преку употреба на технологијата и паметно користење на технолошките ресурси, ќе воведе иновативен начин на управување со градот и искористување на технологијата во насока на подобрување на условите за живот во главниот град“, изјави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

„Со Скопје Смарт сити, Скопје станува град без шалтери! Скопје сите услуги ќе ги дава онлајн и со тоа станува првиот целосно дигитализиран град во регионот. Сите плаќања и сите документи ќе бидат достапни на интернет или на телефонот на граѓаните. Освен ова, секој граѓанин може да следи како градот работи, до каде е неговото барање, до каде е секоја постапка и сето тоа да му биде достапно во секое време на својот телефон“, додаде Шилегов.

За подобрување на ефикасноста на платформата, дополнително се изработува и мобилна апликација, преку која граѓаните ќе можат да ги пријавуваат платформите и ќе ја олесни нивната комуникација со градот.