Шпанската полиција спречила планиран напад врз шпанскиот премиер Педро Санчез, јави ДПА. Каталонската полиција објави денеска на Твитер дека уапсила човек кој „сакал да го убие” Санчез и оти пронашла голема количина оружје во неговиот дом, пренесува МИА.
Човекот бил уапсен пред три недели во каталонскиот град Тераса, под сомневање за планирање на нападот, се наведува во денешното соопштение на полицијата во Барселона.
Лицето, наводно, сакало одмазда за плановите на шпанската Влада да ги ексхумира и пресели остатанките на поранешниот шпански диктатор Франциско Франко. Од неговата смрт во 1975 година, Франко е погребан во мавзолеј во „Долината на паднатите“, северозападно од Мадрид.
Уапсеното лице, на возраст од 63 години, во неговиот дом имал големо количество оружје. Полицијата таму пронашла 16 парчиња огнено оружје, вклучително и снајпери и рафални пушки. Осомничениот работел за приватна компанија за обезбедување.
Според шпанските медиуми, своите планови за убиство на Санчез тој ги објавил на социјалните мрежи.