Специјалното јавно обвинителство на денешното рочиште за случајот „Сопот“, на судот му предаде цеде со телефонски разговор помеѓу поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, како дополнителен доказ во постапката за овој предмет.
Како дополнителен доказ за повторното судење за „Сопот“, СЈО достави и аудиоснимка од разговор со сведокот Рамадан Бајрами.
Инаку, судењето се одложи за 23 ноември, на барање на адвокатите на обвинетите, за да имаат повеќе време да ги разгледаат новите докази.
СЈО предложи на следните рочишта да бидат сослушани шестмина вработени во УБК, како и вештаците ангажирани од Специјалното јавно обвинителство, додека адвокатот на обвинетите, Насер Рауфи, рече дека ќе бараат како сведоци пред судот да бидат сослушани и Мијалков и Јанкулоска.
„Сопот“ е судски случај во кој жители од кумановското село Сопот беа обвинети за тероризам, односно за поставување мина на пат, на која нагази теренско возило на НАТО со полски војници и со наши државјани. Загинаа двајца војници и еден македонски граѓанин. За тоа дело, 11 лица беа осудени на затворски казни. Случајот подоцна беше вратен на повторно судење, кое постојано се одложува. Во меѓувреме, едно од осудените лица почина.
Во еден од прислушуваните разговори што во 2015 година ги објави тогаш опозицискиот СДСМ, односно во „25. бомба“, поранешната министерка за внатрешни работи и ексдиректорот на УБК разговараат за случајот „Сопот“ и за тоа каква пресуда треба да биде донесена против обвинетите.
СЈО овој случај го побара од Обвинителството за организиран криминал и корупција во ноември минатата година, а му беше предаден на почетокот на јули годинава.