Скендербег го премостува булеварот Гоце Делчев

Сподели

Плоштадот Скендербег е во вторта фаза на изградба која опфаќа покривање на булеварот Гоце Делчев со плато на потегот од стоковната куќа „Мост“ до раскрсницата зад ТЦ „Мавровка“, со што ќе се поврзе Чаршијата со Македонската опера и балет.

Во моментот се одвиваат завршните работи на покривањето на булеварот Гоце Делчев, односно се поставува каменот на горниот дел. Овие денови ќе се работи и на тротоарите и полека се завршува втората фаза.

Мозаиците ќе се постават на бетонските платоа кон Чаршијата и на страничните ѕидови на скалите на амфитеатарот, кој беше изграден во првата фаза.

Подготвена е и инсталацијата поставена за да се монтира фонтаната, која ќе биде во вид на водна завеса и ќе се постави наспроти споменикот на Скендер-бег. На овој плоштад ќе се монтира и лифт кој ќе се наоѓа од десната страна на крајот од стоковната куќа „Мост“, а ќе биде поставен и ескалатор.

Во третата последна фаза е предвидена изградба на подземен паркинг на две нивоа за 400 возила на местото на постојниот паркинг кај стоковната куќа „Илинден“.

Се очекува втората фаза комплетно да биде готова до крајот на мај, соопштија од општина Чаир.