Со новите ДУП-ови во Центар зачувани се над 13.000 метри квадратни парковско зеленило

Сподели

 

На продолжението на 59-тата седница. советниците од Совветот на Општина Центар гласаа за донесувањето на Деталниот урбанистички план Градска четврт Ц 04 – Дом на градежници.

Станува збор за градска четврт која во голем дел е реализирана и голем дел од објектите се задржуваат во постојна состојба.

 

 

„Во споредба со стариот ДУП кој предвидува 4043 метри квадратни парковско зеленило, новиот план има вкупно 5889 метри квадратни парковско зеленило, со што речиси 13% од површината на четвртта е под парковско зеленило. Наместо да се проширува, евидентиран е постојниот паркинг и задржан е во сегашната состојба, а зголемен е процентот на зеленило и дрвореди. Наместо изградба на паркинг на веќе постоечко детско игралиште, детското игралиште со површина од 408 метри квадратни во новиот план е зачувано, како и постојниот паркинг околу него. Согласно новиот план, сите нови објекти мора да го обезбедат неопходниот број паркинг места во своја парцела“, изјави на денешната прес конференција градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

 

Избришан е еден објект за колективно домување кој според стариот план би се градел на државно земјиште, а во новиот план заменет е со локален парк од 262 метри квадратни и пешачка патека.

Стариот план предвидува заеднички подземен паркинг за дел од парцелите, воедно предвидена е пристапна улица на местото на пешачката патека „Кај Маршалот“. Со новиот план секој објект треба засебно да предвиди паркирање. За објектите од внатрешноста на блокот се предвидува пристап преку пасажи од улицата Максим Горки, со што се задржува пешачката патека “Кај Маршалот“ и истата нема да стане улица за автомобили.

„Досега, во ДУП-от Ново маало 1 избришан е хотел, зачувано е зеленилото и изведен е памп трак на површина од 2927 метри квадратни. Во ДУП Мирче Мацан зголемен е училишен двор на сметка на објект за колективно домување со површина од 922 метри квадратни и намалена е парцелата на трговски објект на сметка на 492 метри квадратни ново зеленило. Во ДУП-от Даре Џамбаз преместена е планираната катна гаража и зачувано е постојно детско игралиште и парковско зеленило со површина од 808 метри квадратни. Во ДУП-от Пролет пренаменета е парцелата на урбаната заедница и на нејзино место ќе никне нова градинка на површина од 1992 метри квадратни. Во новиот ДУП Пролет избришан е верски објект и на негово место е предвидено парковско зеленило на површина од 804 метри квадратни, а дополнително е предвидено и нови 8788 метри квадратни парковско зеленило. Во ДУП-от Тасино чешмиче избришан е станбен објект и на негово место на површина од 1996 метри квадратни е предвидена изградба на нов објект за здравствена заштита. Вкупно, во досега донесените ДУП-ови зачувани се над 13.000 метри квадратни парковско зеленило“, појасни градоначалникот Богдановиќ.

Намерите на Општина Центар за овозможување на нормални услови за живот се видливи и во плановите кои се во завршна фаза. Оттаму, предвидени се пет нови детски градинки во ДУП-овите Геолошки завод и Клинички центар; Парк/Дебар Маало 2; Маџир Маало, Буњаковец и Крњево, нови 2 културни центри (ДУП Парк/Дебар Маало 2 и ДУП Мал Ринг), изведба на 1 блоковски парк од 1061 метар квадратен во ДУП Геолошки завод и Клинички центар и повеќе мали паркови на сметка на бришење на станбени згради.

И во ДУП-от Градска четврт Ц 04 – Дом на Градежници, како и во сите досега донесени ДУП-ови, но и во оние кои се во процедура, јасно видливи се заложбите на градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, општинското раководство и Советот за зазеленување на општината, нормализирање на живеењето на жителите и обезбедување на хумани и пристојни услови за живот и престој во општината.