Советот на амбасадори кој со внимание го следеше процесот на одлучување во ЕУ за официјализирање на почетокот на преговорите со РС Македонија и за датумот на првата Меѓувладина конференција, изразува големо разочарување што во моментов се блокирани пристапните преговори заради непринципиелните ставови на Република Бугарија.
Ваквите позиции на официјална Софија, според Советот на амбасадори, во нашата јавност предизвикуваат и силна осуда, особено заради фактот дека блокадата на нашите евроинтегративни процеси доаѓа од само една земја-членка, и тоа од нашето непосредно опкружување!
Ние ја препознаваме суштината на значењето на членството на нашата земја во ЕУ заради сопствените потреби за побрзо имплементирање на високите стандарди и критериуми на Унијата во сите области на животот и работата кај нас, но и заради геостратегиските и развојни перспективи на целиот регион на ЈИЕ. Унапредувањето на добрососедските и на регионалните односи се суштински дел на евро-интегративните процеси.
Затоа, Советот на амбасадори и во својата идна активност ќе ја афирмира оваа високо поставена цел на политичката агенда на нашата земја и особено ќе ја поттикнува идејата за модернизирање на механизмот на одлучување во Европската Унија, врз принципот “консенсус минус еден!” Разновидноста на земјите-членки, создава реални можности, процесот на одлучување и за други важни прашања од структурен и организационен каракатер за функционирање на Унијата, да се соочи со сериозни проблеми врз постоечките принципи во ЕУ, како што овој декември тоа и се случи на РС Македонија со блокадата од страна на само една земја-членка, се наведува во соопштението на Советот на амбасадори.
denesmagazin.mk