Во моменти кога се очекува финалното усвојување на уставните измени, во услови на тензични протести пред Собранието, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска од Радовиш директно не одговори на прашањето дали е можна ескалација на настаните, како на 27 април 2017 година, кога демонстрантите упаднаа во Собранието и беа брутално претепани повеќемина пратеници и новинари.
-Треба да знае македонската јавност дека 27 aприл нема да се повтори. Граѓаните треба да бидат безбедни, институциите функционираат и секој еден без разлика дали е член на политичка партија, дали е граѓанин кој што има намера да учествува повторно во нарушувањето на уставниот поредок, упатувам порака да се откажат од таквата намера, затоа што ние сме цврсто решени во чувањето на уставниот поредок и да се чува системот – порача Спасовски.
Министерот за внатрешни работи беше прашан да ја коментира изјавата на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека во протестите пред Собранието има полицајци – провокатори, при што ги повика граѓаните да не подлегнуваат на тие провокации.
– Има полицајци кои што си ја вршат својата работа, кои што го штитат јавниот ред и кои што ја гарантираат безбедноста на граѓаните. Дегутантно е еден лидер на партија да потценува полициски службеник кој што работи за бебзедноста на сите, па и за неговата безбедност – одговори Спасовски.
Тој објасни дека Мицкоски е на протести со лично полициско обезбедување
-Впрочем тој лидер на ВМРО-ДПМНЕ има полициско обезбедување кое што го бараше да го заштити и сега слушаме такви квалификации. Мислам дека крајно некоректно или безобразно таквото оценување на состојбите – додаде министерот Спасовски.
На прашањето што доколку уставните измени не поминат и најавата на премиерот Зоран Заев за негова одговорност со оставка, Спасовски рече дека e оптимист.
– Јас знам дека ќе успееме во таа битка, ќе успеат во оваа битка, затоа што е многу важна за иднината на Македонија и ќе продолжиме цврсто понатаму во развојот на државата – изјави Спасовски, кој додаде дека е уверен дека Договорот од Преспа ќе биде ратификуван во грчкиот Парламент.