Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати и ја отвори јавната онлајн трибина „Дигитализација и образование“.
Заблагодарувајќи се за можноста да се обрати на трибината во чиј фокус се предизвиците поврзани со дигитализацијата во образованието и трансформациите кои не очекуваат во иднина во оваа област, претседателот Пендаровски истакна дека во овие процеси е нужно да постои партнерство на државните институции со учените луѓе, со граѓанскиот сектор, со цел да се најдат решенија засновани на потребите на граѓаните.
На оваа трибина се разговара за предизвиците поврзани со дигитализацијата во образованието и трансформациите кои нужно не очекуваат во иднина во оваа област.
За жал, некогаш треба да се случат вонредни настани, како што е пандемијата на КОВИД-19 за да се охрабриме да имплементираме работи за кои претходно или сме сметале дека не сме подготвени или дека се уште не им е дојдено времето, или и двете одеднаш. Во една прилика неодамна реков дека до неодамна ни беше незамисливо дека можеме да организираме настава онлајн. Но, од март наваму, приликите не натераа, како и сите други во светот да ги откриеме сите нови опции кои ги нуди дигитализацијата и сакале или не, мигриравме онлајн со што дигиталниот начин на работа, не само во образованието, ни стана секојдневие.
Неспорно е дека спроведувањето на наставата преку дигиталните платформи останува предизвик, посебно за држава со мали ресурси, како што сме ние, и за оние кои ја изведуваат наставата, но и за учениците и студентите, за родителите, за секој од нас. Сведоци сме во последно време на интензивни дебати во врска со дигитализацијата на образованието и со оглед на тоа дека сега сме во процес на трансформација, јас мислам дека вистинскиот збор е транзиција од традиционалните кон новите методи на настава и оттука, се разбира, дека има голем простор за наше подобрување.
Генерално, дигитализацијата во образованието отвора извонредни можности за олеснување на образованието на сите граѓани и нашите досегашни искуства на овој план мора да се искористат и по завршувањето на кризата со КОВИД 19. Дефинитивно е јасно дека вратата за влез на дигиталното образование ќе остане широко отворена и понатаму и треба уште од сега да размислуваме за најдобрите модели и решенија. Понатаму, постоењето на дигитални ресурси кои ќе бидат достапни до секое дете, во секое време, ќе ни бидат од помош и во создавањето на она што го нарекуваме, инклузивно образование.
Достапноста на образованието за сите и надминувањето на физичките бариери е, според мене, неверојатен бенефит за секоја индивидуа и за општеството во целина. Затоа треба да бидеме подготвени да инвестираме во информатичките технологии и да ги развиваме дигиталните алатки, но пред се и над се, генерално зборувајќи, да работиме на дигиталната писменост.
Неспорно е дека дигитализацијата во различните сфери на животот се одвиваше и претходно, некаде со помал, некаде со поголем интензитет, ефект и успех, но, сегашната ситуација ни овозможува нејзино радикално ширење.
Не знам дали затоа што припаѓам на постарата генерација, но, јас не сметам дека иднината на образованието ќе биде само дигитална. Процесот на образование има и социјална димензија и ми се чини дека во човековата природа е потребата од учење и низ непосреден контакт. Се разбира, не го спорам фактот дека дигитализацијата во образованието ќе отвори нови перспективи и можности и со тоа, предуслови за напредок на целото општество.
Ги поздравам активностите и на граѓанските здруженија, на научниците, на професорите, на информатичарите и на сите останати кои направија многу за зголемување на опциите за дигитално учење.
Во овие процеси јас мислам дека е нужно да постои партнерство на државните институции со учените луѓе, со граѓанскиот сектор, со цел да изнајдеме решенија кои ќе бидат засновани врз потребите на граѓаните. Креирањето на политиките, не само во овој сегмент, мора да биде двонасочен процес, каде што државата ќе има постојана комуникација со експерти и со луѓе кои поседуваат практично искуство.
Ги поздравувам напорите на сите фактори во земјава кои се насочени кон поттикнување на дигиталната трансформација на македонското образование и негово унапредување. Верувам дека сите релевантни чинители кои можат да придонесат ќе ги насочат своите напори во совладување на предизвикот наречен дигитализација на образованието. Ова ќе биде и е секако и извонредна можност за сите професионалци, за сите креативци да продолжат да ги развиваат дигиталните алатки и содржини со што ќе придонесат за дигитализација не само во образованието, туку и во останатите сфери на живеењето“ – изјави претседателот Пендаровски.