Средба на претседателот Пендаровски со претставници на Американската стопанска комора во Македонија

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски, денеска прими делегација од Американската стопанска комора во Македонија.

На средбата беа разменети мислења за севкупните економски состојби во Северна Македонија, можностите за водење бизнис, како и за можностите за инвестирање во државата.

 

Претседателот Пендаровски на средбата истакна дека во фокусот на неговата работа е подобрувањето на економската состојба во државата и дека ќе настојува потребите на стопанствениците во Северна Македонија да бидат соодветно артикулирани пред државните институции и при неговите посети во странство.

На средбата претседателот Пендаровски укажа дека политичарите треба да придонесат во создавање на поволна бизнис-клима.

Претседателот Пендаровски ги информираше присутните дека по иницијатива на Кабинетот на Претседателот, тим од практичари работи на создавање на стратешки документ, кој ќе има за цел да ги постави приоритетите за развој на економијата во следната деценија, односно за периодот 2020 – 2030 година. Побара од претставниците на комората да се вклучат со свои сугестии при изработката на документот, истакнувајќи дека политичарите треба да ги слушаат и следат потребите на економистите и стопанствениците.

Фактот што Северна Македонија е на чекор до полноправно членство во НАТО и до почеток на пристапните преговори за членство во Европската унија, според претседателот Пендаровски, дополнително ќе ја потврди државата како стабилно и сигурно место за водење бизнис и предвидлива дестинација за вложување.

Претседателот Пендаровски ги повика претставниците на Американската стопанска комора во Македонија да се вклучат со свои предлози и сугестии при носењето на законски решенија од економката сфера, со цел носење на квалитетни закони, а во функција на подобрување на условите за водење бизнис во државата.