Средба Заев – Мицотакис: Поддршка од Грција за старт на преговорите

Сподели

 

Премиерот Зоран Заев оствари средба со грчкиот колега Киријакос Мицотакис во Владата во Атина, на која двете земји констатираа напредок во досегашното спроведување на обврските од Договорот од Преспа од двете страни и изразија посветеност за целосна и непречена натамошна имплементација.

 

 
Договорот од Преспа ни донесе унапредување на пријателството и економската соработка со Грција. На средбата со грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис се согласивме дека Северна Македонија не може и не смее да чека понатаму на европскиот пат и дека претпристапните преговори со ЕУ треба да почнат час поскоро, изјави премиерот Заев.
 
“Премиерот Мицотакис ми пренесе дека Грција секогаш ќе биде сојузник на кој граѓаните на Република Северна Македонија можат да сметаат. Поради економски и геополитички причини, ја поздрави нашата одлука за инвестициите во гасните проекти Александруполи”.

 

 

 

Заедничка беше констатацијата на премиерите дека Северна Македонија не може и не смее да чека понатаму на европскиот пат и дека претпристапните преговори со ЕУ треба да почнат час поскоро. Земјата покажа дека има сериозен капацитет да склучува и исполнува договори за пријателство, заклучија Мицотакис и Заев.

-Мислам дека ќе најдеме решение со Бугарија, ни треба помош од Грција, која сега веќе е наш стратешки партнер. Грција е многу гласна на Европскиот совет преку премиерот Мицотакис, преку министерот Дендиас, тие се многу фокусирани и лидери на процесот за интеграција на Западен Балкан во Европската Унија, истакна Заев, јави дописничката на МИА од Атина.

 

 

Дополнително на средбата беше подвлечено дека не е опција да се раздвојуваат Северна Македонија и Албанија од аспект на почнување на процесот на преговори со ЕУ.

Во рамки на средбата, премиерот Мицотакис го извести премиерот Заев дека почнувајќи од утре, 14.5.2021 година, се отвора граничниот премин „Евзони“ за сите граѓани на Северна Македонија кои имаат негативен ПЦР тест, писмен доказ за примени две дози вакцина против КОВИД-19 или позитивен резултат за антитела.