Во овој момент не сме дојдени дотаму да мора комплетно да ги затвориме угостителските објекти, продавниците, трговските центри, но како што се одвиваат работите, и нам истото не ни бега, вели за Мета д-р Александар Стојанов од Центарот за јавно здравје коментирајќи ги најавите за карантин во некои од соседните земји. Ваквите коментари доаѓаат откако бројката на новозаразени и на починати лица од ковид-19 во земјкава е во пораст изминатиов период.
Во меѓувреме, додека се чекаат нови одлуки за нови мерки на здравствените власти, по социјалните мрежи и во некои медиуми денеска граѓани реагираа дека во болниците во Скопје веќе не се примаат пациенти, а образложението кое го добивале е дека нема место. Сепак, во Министерството за здравство за Мета велат дека слободни места има.
– Ако луѓето не сфаќаат што да прават, тогаш нема што друго да се преземе. Пред неколку дена во Охрид се случила веридба на која имало 200 гости, а тие што ја правеле веридбата биле позитивни. На вакви бројки не се прават прослави – вели Стојанов.
Утре ќе се состанат членовите на Комисијата за заштита од заразни болести. На дневен ред најверојатно ќе се дискутира и можноста за воведување карантин кај нас.
– И Франција и Грција воведуваат карантин. Но, таму пак ќе одат луѓето на работа, училиштата ќе си работат. Ако некој излегува од дома, ќе треба да потпише изјава каде ќе оди. Не е тоа класичен карантин, па да не може да се излезе од зградата. Но, сè што може да не работи, не работи – додава докторот.
На прашањето дали се точни информациите дека не се примаат пациенти заради тоа што се исполнети капацитетите, во Министерството за здравство со одговор – има слободни места во болниците.
– Менаџирањето на креветите во болниците се прави на дневна и на неделна основа. Во однос на пополнетоста, таа варира од час во час. Постојано се испишувааат и се примаат нови пациенти. Она што е важно е дека места за хоспитализација има. Број на кревети има доволно и истите се менаџираат во зависност од епидемиолошката состојба во реонот каде што се наоѓа болницата. Се приспособуваат и дополнителен број кревети доколку има зголемен број пациенти, има сосем доволен број на кревети и нема да се дозволи да се случи пациент да не може да биде примен во болница заради тоа што нема кревет – информираат оттаму.
Од почетокот на епидемијата, од ковид-19 во земјава заболеа вкупно 35.097 пациенти. Бројката на активни случаи во моментов е 12.002, а излекувани се 22.024 лица. Од компликации предизвикани од вирусот, досега починаа вкупно 1.071 пациент.
Во меѓувреме, денеска грчките власти најавија воведување нови рестриктивни мерки во борбата против ковид-19, односно од вторник ќе воведат тринеделен карантин. Мерката нема да се однесува на целата држава, туку само на регионите кои се со лоша епидемиолошка слика и зголемен број на случаи. Од вторник ќе бидат затворени театрите, кафулињата, рестораните, кината, судовите, теретаните. Отворени ќе бидат основните училишта и градинките, продавниците, фризерските салони, хотелите.