Стопанска комора на трговците бара продолжување на рокот за објава на ценовници

Сподели

Стопанската комора на трговци на големо и мало за прехрамбени производи побара од Министерството за економија продолжување на рокот за изработка на веб-страница на правните субјекти коишто подлежат на обврската за објавување ценовници.

“Имајќи ги предвид тековните околности и предизвици со кои се соочуваат нашите членки во процесот на дигитална трансформација, упатуваме официјално барање до Министерството за економија за продолжување на рокот за изработка на веб-страница на правните субјекти коишто подлежат на оваа обврска.

Ценејќи ја важноста на дигиталното присуство како неопходен елемент за современо и конкурентно делување на пазарот, напоменуваме дека значителен дел од малите трговци сѐ уште се во процес на адаптација, од технички, финансиски и кадровски аспект. Притоа, сакаме да истакнеме дека станува збор за реална потреба од дополнително време со цел квалитетна и одржлива имплементација поради комплексноста и обемноста на материјата.

Сметаме дека продолжувањето на рокот ќе претставува поддршка кон сите засегнати субјекти но највеќе на оние на кои им е најпотребно, а тоа се малите стопанственици и ќе придонесе кон инклузивен пристап во спроведувањето на политиките за дигитализација, со што ќе се овозможи посеопфатна и правично распоредена транзиција.

Очекуваме разбирање и соработка од надлежните институции, со единствена цел – градење стабилна и конкурентна економија, во која секој економски субјект има фер можности за развој и напредок”, се наведува во барањето и реакцијата на Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалоци и тутун