Студентски референдум на УКИМ: „Молкот е зараза која ја труе нашата слобода!“

Сподели

10958929_1595903450639938_8879046492206825874_n

Студенти од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје на 28-ми септември 2016 ќе го организираат првиот Студентски референдум, со прашање – „„Студенту, дали телото кое те претставува во рамките на Универзитетот, да продолжи да биде невладина организација?”

„Ќе спроведеме импровизиран Студентски референдум, за да покажеме дека студентите се тие кои треба да бидат слушнати. Сé уште немаме прецизирано како ќе се одвива референдумот, но во наредните неколку дена ќе отвориме јавен повик и секој што ќе сака, ќе може да се приклучи во организацискиот дел. За време на референдумот ќе ги овозможиме сите потребни услови. Државната изборна комисија нема никаква врска со овој референдум, бидејќи ова е самоиницијативно од студентите“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, еден од  организаторите, студент кој во овој момент сака да остане анонимен.

ПРВ Студентски референдум НА УКИМ!

~ СТУДЕНТСКИОТ МОЛК Е ЗАРАЗА КОЈА ЈА ТРУЕ НАШАТА СЛОБОДА И УДИРА ПО НАШИОТ ЏЕБ ~

По многуте проблеми кои го мачеа автентичното студентско движење, гласот повторно не е кај оние кои се највеќе засегнати – студентите. Моменталното одлучување е во рацето на Универзитетскиот сенат кој не е загрижен за ставот и мислењето на студентите.

Можеме да заклучиме дека слабото студентско организирање и статус квото му одговара на универзитетот, а никако на студентите. Сметаме дека доколку нашиот глас не се чуе онаму каде што треба, никогаш нема да се одговори на нашите потреби и вечно ќе бидеме под камшикот на лошото студентско владеење!

За да можеме да настапиме со заеднички став, формулиран од индивидуалните потреби на секој студент ве повикуваме на ПРВИОТ СТУДЕНТСКИ РЕФЕРЕНДУМ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“!

Референдумот кој ќе се одржи 28.09.2016 преставува собир каде што ГЛАСОТ НА СТУДЕНТОТ КОНЕЧНО ЌЕ ДОПРЕ ОНАМУ КАДЕ ШТО ТРЕБА!

Бидејќи како најголем проблем до сега се истакнува невладина организација која однадвор учествува во одлучувањето на универзитетот, РЕФЕРЕНДУМСКОТО ПРАШАЊЕ ГЛАСИ:
“Студенту, дали телото кое те претставува, во рамките на универзитетот, да продолжи да биде невладина организација?”

УКИМ НЕ СМЕЕ да одлучува за студентското претставување, без притоа да ги праша студентите! – се вели во соопштението на студентите, објавено и на ФБ страницата на Студентски пленум