ХК: Судиите да придонесат за враќање на довербата во правосудството

Сподели

 

На Европскиот ден на правдата, 25 октомври, кој го одбележува стремежот за подобар пристап до правда за граѓаните, потенцираме дека судиите, освен според законите, треба да работат согласно високите етички и морални вредности кои се вградени во функцијата што ја извршуваат. Судиите во своето работење треба да го почитуваат Уставот, законите и меѓународните стандарди и принципи, а притоа главен приоритет треба да биде заштитата на јавниот интерес и интерсот на граѓаните, пред приватните и бизнис интереси на одредени поединци во нашето општество. Кога довербата во правосудството е на најниско можно ниво, судиите треба да се одважат и со своето постапување да придонесат за враќање на довербата.

Судијката Јованка Спировска Панева вчера јавно ја објави пресудата со која утврди одговорност за клевета  на ИРЛ и главната уредничка Сашка Цветковска во случајот кој поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев го поведе против ИРЛ .

Судијката на вчерашното јавно објавување на пресуда изјави  дека морала да го заштити приватниот интерес и дека приватното право на бизнисменот Анѓушев е поважно од слободата на изразување.  Слободата на изразување и информирање како неприкосновена демократска вредност и една од основните права и слободи на граѓанинот е заштитена согласно со Уставот на  Република Северна Македонија, па оттука со ваквата пресуда и со нејзиното образложение, судијката постапи целосно спротивно на Уставот и законите, но и спротивно на начелата на непристрасност, интегритет, пристојност и стандардите за етичко однесување на судиите кои се очекуваат од носителите на судската функција. На ваков начин дополнително се зголемува недовербата во судството, а ваквото однесување спротивно на сите стандарди, тоа е срам за судската фела и дигнитетот на правосудството, кое е двигател на правичното функционирање на секое општество.

Со оваа пресуда против новинари всушност се испраќа порака до граѓаните да останат безгласни и пасивни пред корупцијата, неправдата и заедничките добра, а дополнително дека демократијата и владеењето на правото треба да отстапат пред формализмот на правната држава. Правото мора да и’ служи на правдата.