Фашизмот денес, како и во минатото, е конкретен и видлив – црн и крвав! И денес, како и во минатото, паразитира врз атихуманистичката идеологија и антикомунистичката ревизионистичка историја, се појавува од политичкото подземје и полека-полека ползи и се искачува на политичката сцена како прифатлива алтернатива за ситната буржоазија и празноглавата лумпенпролетерска толпа. Тука, на површината, го забележуваме во разни форми, премачкан со разни бои, го забележуваме, најчесто, во форма на десен неолиберализам или популизам, или во форма на неоколонијални војни за нафта и природни ресурси. Кај нас, сè уште, во форма на национализам, шовинизам, религиозно празноверие и пазарен фундаментализам, кои хистерично произведуваат страв од странците, соседите, „комуњарите“ и атеистите.
Нема дилеми, фашизмот околу нас масовно никнува, расте и голта човечки животи. Фашизмот бил, е и ќе биде десничарски ганстерски криминал од позиција на државна моќ, идеолошка патологија и античовечка политика. Во контекст со актуелното убиството Џорџ Флојд, ова треба да се каже со зборовите на американскиот писател Аптон Синклер: „Фашизмот е капитализам плус убиство“. Атмосферата на општ распад на моралниот аксиолошки систем во светски рамки, распад кој беше производ од претворањето на светот во униполарен криминален „универзум“ на крајот на 20 век, му погодува на појавата, развојот, бабрењето и доминацијата на фашизмот. Моралната флексибилност во однос на криминалната неоколонијална воинствена политика на Големиот Фармер и неговите сателитски држави на сите страни од светот, помеѓу останатото, е „вештачкото“ идеолошко и политичко ѓубриво за неофашизмот замаскиран како безалтернативна неолиберална демократија. И, мора да се предупреди: фашизмот оди постепено – прво комунистите, па Евреите, па словените или оние од конкурентската нација, па Ромите, па Арапите и иноверците и, на крајот, сите останати – освен „избраниот народ“.
Можеби на некои денес, ваквите предупредувања им се чинат претерани? Можеби на некои неофашизмот им се чини неможен?! Можеби на многумина неофашистите им изгледаат како будалетинки, им изгледаат како некакви смешни типови кои си играат со кукасти крстови, со политика и оружје?! Можеби некои ги сметаат како политички кловнови излезени од историјата, па оттаму и како несериозни политички фактори неспоиви со денешната политика и цивилизација?! Некои, особено низ холивуските филмски студија, сè уште, си тераат мајтап со ликовите како Хитлер и Мусолини и нивните денешни еквиваленти?!
Ама… Слободољубивиот свет, повторно, има погрешна сметка. Неофашизмот е насекаде околу нас, без разлика на имињата под кои се појавува и со кои се дефинира и опишува. И, сè повеќе, е владеачка идеологија и пракса. Бодликавите жици и редукцијата на човековите слободи и права, тоталната пропаганда и силеџиството во меѓународните односи, се најдобрите и највидливите показатели за ваквите констатации. Повторно, како и пред деведесетина години, под паролата: „Да го спасиме светот од црвеното ѓубре“ и „да си ја зачуваме земјата од туѓинците“, фашистите го освојуваат политичкиот простор и се наметнуваат како прифатлива алтернатива за владеење. Дел од Црната интернационала, или меѓународниот картел на фашизмот се институционализира пред наши очи како група на европски крајно десничарски и популистички партии во Европскиот парламент под име „Идентитет и демократија“, впрочем како што се создаваше пред осумдесеттина години и Антикоминтерна пактот. Ама, повторно ќе кажам, светот кој пасивно и немо гледа, има грешна математика, оти денес ги нема ниту Црвената армија на Советскиот Сојуз, ниту комунистите, за да се спротистават и крвават, па да го поразат фашизмот и да го спасат Човекот и остатокот од светот од фашистичките војни и извесното колективно и индивидуално ропство. Затоа, се плашам, дека сè поизвесен е свет под сенките на кукастите крстови.