Таравари во Истанбул: Поддршка за повредените од трагедијата во Кочани

Сподели

Министерот за здравство, д-р Арбен Таравари, заедно со претставници на Конзулатот на Република Северна Македонија во Истанбул, ја посети болницата каде се лекуваат двајца од повредените во трагичниот настан во Кочани.

Од вкупно шест пациенти кои првично беа хоспитализирани во оваа здравствена установа, четворица веќе се вратени дома, додека Марти и Борис продолжуваат со болнички третман. Нивната здравствена состојба е стабилна, со видлив напредок во закрепнувањето.

За време на посетата, министерот Таравари се сретна и со родителите на пациентите, изразувајќи поддршка, солидарност и целосна подготвеност за помош во процесот на нивно целосно заздравување. Посебна благодарност упати до д-р Мустафа Туран и конзулот на Република Северна Македонија во Истанбул, Идриз Фазлиоски, за грижата и посветеноста што ја покажаа кон повредените.

-Се уште свежата болка од Кочани малку ја ублажуваат Марти и Борис, кои се подобро и наскоро ги очекуваме дома. Од срце благодарам на Турција за сета грижа и топла гостопримливост, истакна Таравари.

Денешната посета е важен чин на институционална грижа и солидарност кон погодените од оваа трагична несреќа.