Труењето е страшно опасна работа. Отровите ја оштетуваат структурата и функционалноста на целиот организам. Иако науката смета дека отровите можат да бидат од минералено, растително и животинско потекло, нашиот „македонски портокалов гениј“ последниве десеттина години покажа и докажа дека тие може да имаат и политичко-демагошко потекло. Овој специфичен вид на отрови го трујат и уништуваат мозокот на нашите луѓе. Имено, портокаловите отрови од лаги, измами и демагогии до крајната жртва – обичните македонски граѓанини, се пренесуваат преку телевизиски, радио или интернет сигнали и никој не е целосно имун на нивното дејствување.
Главната идеја на овие наши портокалови трујачи и измамници е одбрана на криминално стекнатите пари, одбрана на удобните фотељи, одбрана на привилегиите стекнати преку полтронство и епигонство, одбрана на незаслужено стекнатата слава, одбрана на ситносопстевничката добивка… Псевдоновинарството втемелено врз наводните антимакедонски завери, псевдоправдата втемелена врз селективната примена на законите, псевдоисторијата преполна со антички измислици и бугаро-врховистички преписи, псевдологиката втемелена врз смисленото „заборавање“ на суштината на проблемите, се отрови со кои народот се труе катадневно и „умира“ полека од цезаризмот, мегаломанијата и националшовинизмот кои се практикуваат. Сета оваа огромна количина на отрови се „истура“ како невидлива радиоктивна прашина во јавноста и ја уништува здравата памет, ја заматува свеста и ја задушува совеста. Всушност, се работи за гебеловска техника на манипулација и зашеметување на толпата, техника преку која стопати преповторената лага се трансформира во непореклива „вистина“ и преку која се создава привид на демократичност во освојувањето на власта и легитимност во нејзиното практикување.
Употребата на колективно труење на мозокот како метод на владеење, како и секое друго труење, по долга употреба може да предизвика сериозни оштетувања на целиот организам. Големиот словенечки писател Иван Цанкар во една пригода запишал дека „лагата не убива со ластегарка, ама се вовлекува во крвните садови, полека и скришно, па не се забележува кога дејствува“.
Има неосновани верувања дека при долготрајно земање на отровот, луѓето можат да станат имуни на труењето. Во своите „Огледи од митридатизмот“ умниот Ферид Мухиќ ја разгледал таквата можност и исправно заклучил дека такво нешто не е можно. Антитоксикологијата дејствува само ако навреме се земе противотровот. Затоа, во целата затруена македонска политичка сцена, добро е што сè повеќе луѓе викаат по улиците: „Пази отров“, сè повеќе пишуваат за симптомите што портокаловиот отров ги предизвикува кај луѓето, сè повеќе принципиелно се спротиставуваат на систематското труење преку медиумите, сè повеќе изнаоѓаат методи и оружја за создавање на имунитет на отровите кои ги претвораат нашите луѓе во марионети кои преку лаги, измами и насилство го бранат криминалот на владеачите.
Првата помош при масовна токсикација на умот и разумот е во извлекување на затруените од контаминираната средина и вадење на фашизоидните отрови од организмот. Во нашиот случај тоа значи драстична промена на комплетната политичка и медиумска сцена и подолготрајно лекување преку давање на поголеми количини антифашизам, демократија, слобода, еднаквост, разумност…